Заев: Нема веќе плата во ќеш и инспекции со намера да ги казнат бизнисмените
Крај за исплата на дел од плата во кеш, царинење на килограм, поврат на ДДВ по налог на министер и капитални инвестиции во кои домашните компании ќе бидат подизведувачи, најави денеска премиерот Зоран Заев на средба со бизнисмените од Стопанската комора на северо-западна Македонија.
Премиерот ова го најави како решение за дел од забелешките на бизнисмените на кои, како што рекоа, најмногу им пречи нередовниот поврат на ДДВ, неможноста да го платат долгот од општините и институциите, како и различниот третман на индустриските зони во однос на технолошко-индустриските зони. Бизнисмените се пожалија и на законот за извршители, нерамномерниот развој на регионите, преобамната администација.
– Од есен кога очекуваме да се консолидира Буџетот, повратот на ДДВ ќе се реализира директно од трезорот без при тоа да се чека одобрување од министерот. Министерот и Управата за јавни приходи ќе бидат само неми набљудувачи на тоа – рече Заев.
Според планот на Владата, како што рече премиерот, капиталните инвестиции ќе ги реализираат домашните фирми и се очекува што поголема нивна вклученост.
– Завршува времето кога за капиталните инвестиции се бараат странски компании. Тендерите за овие инвестиции ќе бидат поделени на лотови во кои ќе можат да се вклучат што повеќе домашни фирми кои ќе најдат интерес да реализираат дел од работите. Тоа значи дека нема да се реализираат тендери со една фирма која ќе ангажира подизведувачи што ќе работат за малку пари – рече Заев.
Премиерот најави измени и во начинот на царинење каде што, како што рече, се забележани голем број противзаконски дејствија и привилегирање на фирми.
Во однос на спречувањето на сивата економија за која бизнисмените рекоа дека тешко ќе се искорени ако нема добра инспекција, Заев најави поинаков начин на работа на инспекторите.
– Нема веќе да се толерира инспектор да доаѓа во фирма за да каже дека мора да казни, ниту пак да му ја најави инспекцијата на директорот на кој се жалеле работниците. Инспекциите мора да бидат реализирани според одредена процедура. Ако се најде незаконитост ќе се опомене бизнисменот да ја поправи, но ако не го стори тоа тогаш ќе следува казна можеби и повисока од сегашните – рече Заев.
Спречувањето на сивата економија, како што рече премиерот, ќе се реализира заедно со процесот на подобрување на наплатата на даноците. Во овој контекст, рече дека ќе се посегне по мерки кои ќе значат чесно наплаќање на даноците, а ќе се активира и поврат на ДДВ за граѓаните.
Во тие рамки најави крај и на плаќањето на дел од платата во кеш.
– Во еден момент ќе ги замрзнеме придонесите на одредено ниво на плати и ако сака бизнисменот да плати 40.000 денари плата тој ќе плати принес само на 25.000 денари. Така ќе ставиме крај и на исплатата на дел од платата во кеш на штета на работниците и на државата – рече Заев.
Тој пред бизнисмените од Стопанската комора на северо-западна Македонија рече дека 80 отсто од програмата на владата е сочинета токму од нивните идеи и решенија, а тука посебно го издвои рамномерниот регионален развој каде што годишно се планира да се одвои по 1 отсто од БДП или околу 90 милиони евра.
Премиерот и неговиот економски тим ветија решавање на деценискиот проблем со индустриската зона Визбегово и решавање на проблемот на поплавените бизниси во населба Ченто.
Во врска со барањето да се укине членот 205 од Законот за извршување, кој како што рекоа бизнисмените, им е пречка во наплатата на парите од општините и учеството на тендери, премиерот рече дека прво треба да се стават на здрави нозе институциите па потоа да се укине членот.
– Ако прво го укинеме членот 50 отсто од институциите и општините ќе колабираат, односно треба да ги затвориме пред да можат да ги подмират долговите. Затоа сакаме прво да изнајдеме пари за покривање прво на долговите, нивно финансиско заздравување, а потоа може да се размислува за укинување на тој член од Законот – појасни Заев.
Заев најави дека ќе се изедначат условите за домашните и странските инвеститори, како и докапитализација на Македонската банка за поддршка на развојот која ќе треба да биде главен поддржувач на бизнисите кои се насочени кон извоз.
– Ако бизнисот тера напред, ќе се развива и државата, ќе има работни места за граѓаните и повеќе пари во Буџетот од даноците – подвлече Заев.
Премиерот нагласи дека сака успешен мандат кој ќе резултира со добро стопанство и среќни граѓани.
Во врска со рационализацијата на администрацијата, објасни дека станува збор за квалитетен кадар и побара од бизнисмените во првата година, со владина поддршка, да ги вработат овие луѓе зашто не може, како што рече, за чуварско место во државните институции да бидат ангажирани 19 лица.
Тој побара од стопанствениците да им дадат и поголеми плати на работниците кои, пак, оцени Заев, ќе им вратат повеќекратно.
Пред почетокот на дискусијата се обрати и вицепремиерот за економски прашања Кочо Анѓушев кој ги повтори клучните економски политики и насоки на Владата. Тој повтори дека Владата ќе биде партнер на бизнисот а не конкуренција. Побара претставник од комората кој ќе биде ангажиран во неговиот кабинет за да биде линк со бизнисмените наместо тие писмено да се обраќаат.