Анѓушев: Лага е дека ќе поскапи струјата ( Видео )
Вицепремиерот задолжен за економски прашања Кочо Анѓушев, по повод Денот на рударите, денеска беше во рудникот Бучим за да им го честита празникот. За време на посетата,Анѓушев одговори на новинарски прашања поврзани со актуелниот тендер за ископ на јаловина во РЕК „Битола“, распишан од ЕЛЕМ.
Тој објасни дека минатото раководство на ЕЛЕМ имаше распишано тендер за ископ во РЕК „Битола“ и дека на тој тендер имало негативно поддавање.
– Владата на Република Македонија и сите јавни претпријатија мора да работат согласно законите во државата. Во моментот се анализираат сите понуди што конкурирале на тендерот, вклучувајки ја и компанијата што дала најповолна цена, и при тоа, доколку нивната понуда е во колизија со законите, таа понуда ќе биде одбиена. Доколку нема такво нешто, јас би се фокусирал на две други прашања. Првото е зошто судот ја отфрли блокадата за на сметката на таа компанија, кога веќе било утврдено дека нејзиното работење не било во согласност со законот, и второ, зошто претходното раководство на ЕЛЕМ, кога веќе беше разоткриено таквото работење на таа компанија, распиша тендер во кој не објави негативна референца, согласно Законот за јавни набавки, за оваа компанија. Мислам дека одговорите треба да се бараат во тие две насоки – истакна Анѓушев.
Вицепремиерот нагласи дека „најбитното прашање кое што треба да се одговори е, зошто истата компанија до вчера наплаќала од 90, а во одделни ситуации и до 144 денари по ископ на 1 гигаџул, а денеска е подготвена да ја врши истата услуга за 44 денари.
– Моето прашање е каде завршила разликата од тие пари и зошто тие цени не се постигнувани и претходно? Мислам дека сите прашања, поврзани со оваа работа, со цената на струјата, и со сите активности со околу цената на струјата, во последниот период се само отргнување на вниманието од ваквите, би рекол нелогични постапки, а за тоа има и институции кои што треба да испитаат дали се криминални дејствија што се случувале во енергетскиот сектор во Македонија – рече Анѓушев.
На прашањето, кое е неговото мислење за ваквата понуда на тендерот, тој рече:
– Јас претпоставувам дека никој не би работел со загуба и претпоставувам дека сега, со една транспарентна постапка и чесен пристап, ќе дојдеме до реални цени на работењето. Заштедите што ќе се постигнат во енергетските компани, за кои гледаме дека има простор, ќе бидат трансферирани кај граѓаните на Република Македонија, во облик на евтина тарифа на струјата, и во други придобивки. Лага се сите информации околу покачувањето на цената на струјата. Тоа е само одвлекување на вниманието на македонската јавност од вистинските теми. А, вистинската тема е дека се врати евтината тарифа на електричната енергија, таа што ја укина претходната Влада, која денеска ја враќаме како придобивка на сите раѓани. Вистина е, исто така, дека во јуни оваа година се бараше покачување на цената на струјата за 6 отсто, но наместо тоа, цената се намали. Ја информирам јавноста во Република Македонија, дека цената на струјата во иднина, воопшто не е тема. Некој сака да ја пласира како тема за да задскрие други активности кои народот бргу ќе ги види.
Македонскиот народ е интелигентен и на таквите лаги нема да потклекне – порача Анѓушев.
{vembed Y=j-t0ec7SJ54}