Анѓушев: Ефтината тарифа за струја останува, ќе има и дополнителни поволности поради конкуренција
Евтината тарифа ќе остане за граѓаните на РМ и таа е сетирана во нивните броила кои што ги имаат во нивните домаќинства, рече Вицепремиерот за економска прашања Кочо Анѓушев во интервју на ТВ Телма, во емисијата Ноќно студио.
И тоа мора да биде прифатено и од идните снабдувачи или оператори, и доколку е регулирано тоа е минимумот што граѓаните ќе го добијат. Либерализацијата ќе донесе конкурентност, а таа ќе донесе поволност за купувачите, потрошувачите. Граѓаните ќе добијат и други поволности, освен евтината тарифа во борбата добавувачите да добијат што е можно поголем дел од пазарот
„Граѓаните треба да се потсетат, кога почнуваше либерализацијата на пазарот за компаниите уште пред 5 години, за што има аргументи и бројки, исто така се зборуваше дека тоа ќе ја зголеми цената на струјата, но денес е факт поддржан со бројки дека компаниите добија поевтина струја и откако се либерализирани, компаниите денес имаат 40 отсто помала цена на електрична енергија. А истото тоа во просек остави над 100 милиони евра во македонското стопанство“, одговори Вицепремиерот Анѓушев.
„Во изминатиот период на јавноста им беше наметнато мислење дека евтината тарифа е во спротивност со критериумите на Европската енергетска заедница, што воопшто не е точно. Евтината тарифа е воведена успешно, сите граѓани ја имаат и ги користат бенефитите од истата и таа мерка е сосема во согласност со третиот пакет мерки на Европската енергетска заедница. Односно третиот пакет не се занимава со евтината тарифа или поточно кажано не е во спротивност. И затоа како таква ќе остане и ќе биде на бенефит за граѓаните.
Евтината тарифа ќе биде минимумот што како бенефит ќе го добијат граѓаните и тоа ќе остане така. Евтината тарифа таква каква што е денес ќе ја има и понатаму, а добавувачите во својата борба за повеќе корисниците ќе понудат уште повеќе поволности.
Она што е пракса од искуството во земјите на ЕУ, секако каде се појавила конкуренцијата, таму се појавил и бенефит за граѓаните. Денес цената што граѓаните плаќаат е регулирана цена од, а што значи регулирана цена. Тоа значи дека тука, во крајната цена влегува цената на ЕЛЕМ како производител, а таа 41 евро, потоа цената на МЕПСО којашто е околу 4 евра и на цената на операторот на дистрибутивниот систем и доставувачот, а тоа е ЕВН.
Сите тие три цени денес граѓаните ги плаќаат и тие се регулирани, а регулирана цена значи кога претпријатијата чијашто цена се регулира ги пријавуваат своите трошоци во Регулаторна комисија за енергетика им ги прифаќа трошоците и притоа им одредува и профитна маргина којашто е 6, 7 или 8%.
На слободниот пазар таа комоција веќе ја нема. Сега сите овие претпријатија имаат комоција да прават неоправдани трошоци како на пример ЕЛЕМ да прави скијачки центри, паркови и други инвестиции што немаат врска со дејноста а притоа производството опаѓаше. Тогаш компаниите нема да ја имаат таа комоција за непродуктивни трошоци“, рече Анѓушев.