Се гради во црниот сеизмички појас во Скопје
Евентуален земјотрес во Скопје може да предизвика многу големи оштетувања на објектите во строгиот центар на градот кај Старата железничка станица и Домот на градежници, како и во населбите Карпош 1 и Порта Влае, кои се изградени врз раседно земјиште предупреди Дневник во текст од 2010 година, пишува Репортер.
Во опасност ќе бидат и повисоките згради во населбите Аеродром, Ново Лисиче и Кисела Вода, зашто се направени врз почва непогодна за висококатници, тврди професорот во пензија на Градежниот факултет, Апостол Поцески. Професорот, кој на факултетот предаваше статика и нумерички методи, своите тврдења ги заснова врз студијата „Ефектот на почвата од скопскиот земјотрес во 1963 година“. Таа е направена во годините по катастрофата, кога се испитувал составот на земјата во главниот град и нејзиното влијание врз градбите.
Тогашните испитувања чинеле сегашни милијарда долари, а ги финансирале повеќе странски земји и југословенската влада. Се покажало дека целата скопска котлина лежи на чакал, кој некаде е длабок, а некаде многу плиток. Токму таквите разлики во длабочината може да бидат кобни при земјотреси. Студијата на Поцески во која се обработени раседите во Скопје е направена врз основа на овие податоци, а е објавена во едно од најугледните стручни списание во Америка, како и во публикации во земјава.
Процеп длабок 200 метри Испитувањата на почвата покажале дека најголеми оштетувања во земјотресот имале објектите изградени врз голем расед, односно процеп длабок околу 200 метри, кој се протега од населбата Кисела Вода до реката Лепенец. Раседот минува низ делот кај Чешма во Кисела Вода, па преку улицата пред Старата железничка станица продолжува до поранешниот плоштад Слобода кај Домот на градежници.
Оттаму преку улицата Ленинова излегува на „Партизанска“, па кај полициската станица во Карпош 1, преку Порта Влае, завршува кај реката Лепенец. – Скопската котлина е испресечена со многу раседи, но овој е најстрашен бидејќи минува токму низ центарот на градот. Најголемите оштетувања во земјотресот беа по линијата на овој расед, кој е широк десетина метри од двете страни. Не смее да се гради врз него.
Најмногу што може е да има улица, а не згради како што се направени. Дури има и висококатници. Никој претходно, а ни сега, не води сметка дека гради токму по линијата на раседот. Тоа може да биде кобно – вели Поцески. Дека раседот има влијание врз интензитетот на земјотресот докажува и фактот што по катастрофата на релативно мала површина на која тогаш се простирало Скопје имало сосема спротивни оштетувања на градбите. Односно, во одредени делови на градот штетите биле незначителни, а во други имало целосно урнати згради.
Имало и примери каде што градбите на една страна од улицата биле комплетно урнати, додека на спротивната немале никакво оштетување. Таквиот парадокс стручњаците го објасниле со специфичниот ефект на почвата, односно длабочината на чакалот. Таму каде што почвата била слаба и имала дебел слој чакал на површината, интензитетот на земјотресот бил поголем. Градете во Тафталиџе Токму поради различната почва, Поцески објаснува на кои места е посигурно да се градат повисоки згради. – Низ цело Тафталиџе немаше никакви урнатини бидејќи населбата е изградена врз плиток чакал и тврда подлога – конгломерат. Затоа предлагав, ако веќе се градат висококатници во Скопје, да се градат на потегот од сегашен „Веро“ во Тафталиџе, Капиштец, па речиси до Водно.
Наспроти тоа, повисоки згради не смее да има кај Поликлиниката „Букурешт“. Таму има висококатница изградена кратко време пред земјотресот чиј преден столб делумно се урна, најмногу поради составот на земјиштето. Во критичниот појас влегува и делот од Градски ѕид кај полициската станица „Беко“, како и околу Универзалната сала бидејќи е многу блиску до линијата на раседот. Не е препорачливо да се прават населби со високи згради во Железара и Кисела Вода.
Чакалот во Аеродром и Ново Лисиче и денеска тоне, поради што таму не треба да се градат згради повисоки од осум ката – објаснува Поцески.
За сигурноста на населбите во Топаанско Поле, Бутел, Чаир нема многу информации, зашто овие делови не се испитувале многу по земјотресот. Не се правеле ни испитувања во Момин Поток и Зајчев Рид, за каде е планирано да се градат големи населби. Сепак, Поцевски смета дека ни таму не смеат да се градат висококатници, бидејќи носивоста на почвата е помала. Професорот е револтиран бидејќи стручната јавност знае за испитувањата и резултатите од студијата, но не презема ништо за да го спречи градењето во критичните зони. – Детаљно се знае каква е почвата низ Скопје и не мора да се прават нови испитувања. Затоа во сите нови урбанистички решенија мора да се земат предвид.
Стручната јавност знае за испитувањата и за студијата, но намерно ги премолчува бидејќи веројатноста да се случи некоја нова катастрофа во скоро време е мала. Но, ова што се прави со градбите во Скопје е злосторство кон идните генерации. Нова катастрофа може да се случи за 100 години, ама луѓето сега не размислуваат за тоа бидејќи се чини далеку. Какви се овие луѓе што градат, не мислејќи на идните генерации? – прашува Поцески. СТОКАТНИЦИТЕ СЕ БЕСМИСЛИЦА Идеите за изградба на стокатници кај хотелот „Холидеј ин“ и во населбата Аеродром е бесмислица, смета Поцески. Според најавите, Владата планира да изгради три стокатници спроти хотелот во центарот на Скопје, а предвидена е и една од 125 ката во населбата Аеродром. На истата локација ќе се градат и три станбени згради од по 33 ката.
– Бесмислица е во Скопје да се градат стокатници и други високи згради. Почвата не може да издржи такво нешто. Друг проблем е што поради составот на земјиштето, станарите на овие згради многу посилно ќе ги чувствуваат земјотресите, дури и тие оддалечени 1.000 километри од Скопје – смета Поцески.
Извор: Репортер