Работните групи преговараат и за избирачкиот список и за медиумите
Средбата на работните групи на политичките партии, потписнички на Договорот од Пржино, во Клубот на пратеници во Скопје, вчера не донела никаков напредок, брифираат извори на „Мета“. Единствено што било договорено, а на инсистирање на СДСМ, е паралелно со методологијата за прочистување на Избирачкиот список, да се преговара и за реформите во медиумите.
ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ ја прифатија предложената методолгија од Државната изборна комисија, а нема големи замерки ниту СДСМ. Сепак, велат нашите извори, се уште треба време за да се дефинираат многу отворени прашања. Меѓу нов и по кои критериуми ќе се решава кои адреси ќе бидат посетени за време на теренската проверка за прочистување на Избирачкиот список, како и тоа кој ќе биде правната основа за бришење од списокот.
Од СДСМ инсистираат во проверката на Избирачкиот список, посебно за теренскиот дел, да биде вклучена и државната администрација и партиски набљудувачи затоа што за таа операција се потребни огромни човечки ресурси.
– Немам чувство дека партиите сакаат понатаму заедно да работат и да се обидуваат заеднички да ги постигнат целите – изјави вчера белгискиот олеснувач во преговорите за Договорот од Пржино, Питер Ванхауте.
Како главна причина за ваквата состојба, Ванхауте го посочи датумот на изборите, односно „унилатералната одлука“ да се оди на предвремени избори на 24 април.
Извор: Локално