Ванхауте се враќа, партиите повторно ќе седнат на преговарачка маса
Белгискиот посредник Питер Ванхауте денеска се враќа во земјава и се очекува да продолжат преговорите околу методологијата за прочистување на Избирачкиот список и реформи во медиумите, како превземање мерки за одвојување на партијата од државата, пишува Плусинфо.
Засега, за денеска не е закажана средба на работната група, но како и да е, се очекува преговорите да продолжат со поинтензивно темпо, бидејќи се приближуваат датумите за избори.
Медијаторот неколку дена беше во Брисел од каде се очекува да донесе насоки за понатамошниот тек на преговорите.
СДСМ предложи да ги повлече амандманите за прочистувањето на Избирачкиот список, а ВМРО-ДПМНЕ да го прифати предлогот за реформи во медиумите што го понуди Ванхауте.
На ова, владејачката партија одговори дека може да попушти за медиумите, ако СДСМ се откаже од теренската проверка на Избирачкиот список и прифати тој да се прочисти само со вкрстување на податоците од 10 државни институции.
Лидерот на ДУИ Мендух Тачи е гневен поради текот на преговорите на четирите партии и вели дека е можно повлекување на неговата партија, ДПА, од нив.
Како што вели Тачи, ако бил прифатен нивниот предлог, даден на почетокот, да се организира попис на населението за да се добие веродостоен Избирачки список, според него, до оваа ситуација немало да дојде.
Али Ахмети, пак, порача дека изборите мора да се одржат на 24 април, а јуни или јули не се прифатливи за него поради рамазанските пости и Самитот на НАТО во Варшава. Тој апелираше до сите партии да се однесуваат одговорно во периодот што следи, за да се затворат и преостанатите отворени прашања од договорот од Пржино и да се овозможат фер и демократски избори.
Амбасадорите на САД и на ЕУ во Македонија, Џес Бејли и Аиво Орав, на техничкиот премиер Емил Димитриев му доставија писмо со критериуми што треба да се исполнат за изборите да бидат фер и демократски.
Прв критериум е до 19 февруари Државната изборна комисија да биде обезбедена со персонал и со потребните финансии. Што се однесува до Избирачкиот список, мора да бидат завршени првичните вкрстени проверки на сите релевантни бази на податоци за да се добие подобра слика за тоа колку опсежен ќе биде процесот на прочистување, вклучително и теренските проверки. Мора да постои јасна законска рамка за навремено отстранување на имиња што не припаѓаат во Избирачкиот список, како и да бидат воведени соодветни механизми за одбележување на имињата што нема да можат да бидат отстранети, но за кои ќе биде потребна дополнителна проверка.
Вториот критериум е политичките лидери да постигнат договор за реформите во медиумите за да се обезбеди објективно и непристрасно информирање и еднаков третман на политичките партии.
Амбасадорите како трет критериум го наведуваат преземањето соодветни мерки што ќе обезбедат доволна одвоеност на државата од политичките партии.
Се очекува до 20 месецов, ЕУ и САД да излезат со своја оценка околу тоа дали е можно до 24 април да се создадат услови за фер и демократски избори.