Протест пред Обвинителството: Во очите на Ханета ја гледам мојата Тамара!
Точно на пладне беше одржан протест пред Основното јавно обвинителство, една година по смртта на малата Тамара, на кој беше присутна и нејзината мајка. Граѓанските активисти, извикувајќи „убијци, убијци“, протестираа поради едногодишниот молк на оваа институција за кривичните пријави со кои се бара одговорност од надлежните за смртта на деветгодишното девојче.
Жаклина Димоска, мајката на Тамара, вели дека таа како родител се чувствува изземено од целиот случај и сите информации ги добива единствено од новинарите со кои комуницира.
На протестот беше присутна и 11-годишната Ханета која има сколиоза, иста дијагноза како и малата Тамара. Нејзиниот татко вели дека за нејзината операција се потребни 20.000 евра. Двапати поднел барање за помош, кое комисијата од Фондот за здравство го одбила, со образложение дека станува збор за вродена мана. Доколку не се оперира во рок од една година, Ханета Салиу може да заврши во инвалидска количка.
Мајката на Тамара искажа благодарност за сите кои ја поддржуваат во нејзината голгота и испрати апел да не дозволиме и малата Ханета да почине како нејзината ќерка.
Новинарот Огнен Јанески, ги прозва властите и рече дека ако не се изградел само еден од барокните столбови на Обвинителството, ќе имало пари за да се спаси животот на Тамара.
Извор: Плусинфо.мк