Ванхауте: Сите партии доставија амандмани за медиумите
Работните групи на четирите најголеми политички партии, по една недела пауза, денеска повторно седнаа на заедничка маса, со цел да ги испеглаат разликите во однос на реформите во медиумската сфера.
Белгисикиот олеснувач во преговорите, Питер Ванхауте, пред почетокот на средбата изрази оптимизам дека ќе има напредок во преговорите.
– Сите партии доставија нови амандмани и денеска ќе разговараме за тоа. Јас мислам дека е добро што сите се согласија на средбата и што сите доставија амандмани – рече белгискиот олеснувач и додаде дека некои од амандманите се за членови од законот кои досега не биле предмет на разговор.
Роберт Поповски, претставник на СДСМ во преговорите посочи дека, со завчерашното интервју на Латас со Зоран Заев, се покажало дека ВМРО-ДПМНЕ не е за слободни и независни медиуми.
– Главниот и одговорен уредник на Сител, Драган Павлович-Латас, вчера го растури планот на ВМРО-ДПМНЕ, да се прикаже како партија која се залага за европски, слободни и независни медиуми. Најблискиот пријател на Груевски и на Мијалков вчера, на лидерот на опозицијата, му рече „ве тепавме на избори“. Вчерашното интервју, полно со омраза, клевети и навреди е само потврда за тоа дека се потребни темелни реформи во медиумите – изјави Поповски.
Претходно и Илија Димовски од ВМРО-ДПМНЕ, во Собранието, го повтори ставот на неговата партија, дека се подготвени да го прифатат кој било закон за медиуми кој ќе го достави опозицијата, а кој ќе го има во било која земја на Европската унија. Преговорите за медиумите закочија откако партиите му ги пренесоа ставовите на Ванхауте, дека немаат намера да отстапат од своите црвени линии во преговорите за медиумите.
Извор: Плусинфо.мк