Љубе Бошковски на распит во СЈО
Поранешниот министер за внатрешни работи Љубе Бошкоски, кој ја отслужува казната затвор за случајот Кампања, напладне беше донесен на распит во Специјалното јавно обвинителство, јави Нова.
Претходно СЈО веќе го побара предметот „Кампања“ за кое на Бошкоски му остануваат уште три месеци во затворот „Идризово“.
Адвокатот на Бошкоски Константин Кратовалиев во случајот Ровер лани изјави дека побарале овој предмет за кој исто така е обвинет поранешниот министер за внатрешни работи да го преземе СЈО, бидејќи како што рече „ имаме веродостојни информации за основано сомневање, односно индиции дека постојат транскрипти и снимки директно поврзани со процесот „Ровер“ кои се предадени на специјалниот обвинител“.
Во „Ровер“ Бошковски е еден од обвинетите за убиството на Марјан Тушевски и Киро Јанев. Апелацискиот суд веќе два пати ја укинува првостепената пресуда поради низа пропусти и неутврдена фактичка состојба.
Според пресудата на Кривичниот суд, Предраг Чубрило, Милан Илиќ и Милорад Ковачевиќ добија казна доживотен затвор, Вук Вукичевиќ доби 15 години затвор, Бошкоски доби затвор од 10 години и шест месеци, првиот човек на обезбедувањето на Бошкоски, инспекторот Зоран Трајковски доби осум години и шест месеци, по седум добија Сашко Јовановски и Ивица Ристиќ, а по пет години и шест месеци Гоце Митревски и Никола Негриевски.
Бошковски тврди дека разговорите докажуваат дека се мести неговото апсење за „Ровер“, со цел остатокот од животот да го помине во затвор.
– Одлучив да ги предадам овие материјали од кои се гледа вистината дека овој политичко-полициски процес „Ровер “ е конструиран од еден висок полициски функционер. Јавноста ќе биде шокирана од вокабуларот и бруталноста на мојот прогон, рече ексминистерот Бошковски во судницата за време на рочиштето лани, каде што извади транскрипт и аудиоматеријал на УСБ.
Обвинителката во случајот, Лидија Раичевиќ Вучкова на едно од рочиштата изјави дека само формално останува обвинител во предметот, сè додека не биде конечно одлучено дали овој случај преминува кај специјалната обвинителка Катица Јанева, или, пак, по него ќе постапува Јавното обвинителство. Рече дека не сака да го прегледа материјалот на Бошковски, бидејќи таа не е надлежна, туку ќе побара мислење од Јавното обвинителство.
За процесот „Кампања“ казната на Бошковски му истекува на 6 мај. Тој беше осуден на петгодишна казна затвор за злоупотреба на службената положба и за незаконско финансирање на кампања.