Ховит: Владата вети но, не ја покани ОБСЕ да ги набљудува процесите што ги започна СЈО
Специјалниот обвинител мора да биде слободен да ја извршува својата работа, растоварен од притисок од каков било вид, да истражува и да процесира секаков криминал, без оглед на тоа која политичка партија би можело да биде одговорна, или на која партија сторителите се приврзаници, вели европратеникот Ричард Ховит во интервју за „Слободен печат“.
На прашањето, дали во тоа што Кривичниот совет ги отфрли сите барања за притвор за „Титаник“, се препознава продолжение на истите причини што доведоа воопшто до потребата да се формира Специјално јавно обвинителство, односно негова потчинетост и работење во прилог на владејачката партија, Ховит вели:
– Во моите разговори со Специјалното обвинителство од минатиот месец беа отворени прашањата дали официјалните судови во доволна мера соработуваа со СЈО во поглед на доставувањето на материјалите, а имавме и јавни повици тие пречки да бидат отстранети. Ме загрижуваат досегашните извештаи за однесувањето на судските органи во поглед на случаите што ги поднесува обвинителството, се чини дека се третирани различно во споредба со слични случаи поднесувани во минатото, што сугерира дека можеби постои селективен пристап кон правдата. Клучната порака што јас сакам да ја испратам, е дека оваа влада се согласи да ги покани претставниците на ОБСЕ да ги набљудуваат овие процеси што ги започна СЈО за да се уверат дека не постои селективен пристап во делењето на правдата, но и покрај тоа оваа влада никогаш формално не прати писмена покана до ОБСЕ за да им овозможи да го сторат тоа, за што ОБСЕ има волја да го направи. Јас и моите колеги посредници од Европскиот парламент лично разговаравме со комесарот Хан и побаравме од него да побара од Владата тоа писмо со покана да го прати до ОБСЕ. Го повторувам тоа и сега јавно, дека тоа беше обврска што ја презеде Владата со Договорот. Тоа би можело да биде независната страна што ќе врши процена и ќе даде уверување дека овие случаи се третираат праведно – вели Ховит.