АЈДЕ!: Точно напладне громогласно да побараме оставки од петте уставни судии
АЈДЕ – Платформата за граѓанска политика ги повикува сите граѓани масовно да учествуваат на денешниот протест пред зградата на Уставниот суд, точно на пладне.
„Ајде уште еднаш јасно и громогласно да порачаме дека ние граѓаните на оваа држава нема да престанеме да протестираме се додека судиите кои ја донесоа одлуката за помилување на изборните измами и други тешки криминали не си поднесат оставка.
Судиите Елена Гошева, Никола Ивановски, Владимир Стојаноски, Вангелина Маркудова и Јован Јосифовски, гласајќи за оваа одлука ги згазија и Уставот и правото и правдата. Нивната постапка покажува дека тие ниту го штитат Уставот, ниту пак, јавниот интерес. Тие се само продолжена рака на партијата на власт и соучесници во изборните кражби, затоа што, причинско-последичната врска меѓу нивната одлука и случајот „Титаник“ кој го води Специјалното јавното обвинителство е повеќе од очигледна“, соопшти АЈДЕ!
Од Платформата истакнуваат дека граѓаните имаат должност да го одбранат Уставот од (Не)Уставниот суд!
„Во Македонија мора да има правда, почитување на законите и пред сѐ, почитување на Уставот! Затоа, ајде денеска, сите да се собереме пред Уставниот суд, точно на пладне! НЕМА ПРАВДА – НЕМА МИР!“, порачаа од АЈДЕ!