Нов протест пред МВРза Крстот во Бутел
Жителите на општина Бутел за денеска подготвуваат нов протест што треба да се одржи, како и вчера, пред Министерството за внатрешни работи. Продолжуваат да протестираат бидејќи, како што велат, МВР не одговорило на нивниот повик со полиција да го обезбеди местото каде треба да се гради крстот за да може да продолжат градежните работи, пишува Плусинфо.
Од МВР не кажуваат зошто не го обезбедуваат теренот, ниту пак дали и кога ќе поднесат кривични пријави против лицата кои во четвртокот запалија една палма во Бутел и ги закопаа темелите на крстот. Од секторот за информирање во МВР велат дека со конкретни информации ќе излезат во текот на денот.
Изградбата на крстот засега е во мирување. Од ВМРО-ДПМНЕ ги демантираа информациите дека има договор со ДУИ на местото каде што треба да се гради крстот да се постави некое друго обележје. Од ДУИ, пак, велат дека има договор, но не кажуваат каков е договорот.
Инаку ДУИ побара да се испита законитоста на одлуката за поставување на крстот и поднесе претставки до Инспекторатот за локална самоуправа, Градежниот инспекторат, Управниот инспекторат и до Инспекцискиот совет, но засега од овие институции нема одговор. За ДУИ е спорно што одлуката за изградба на крстот е донесена како одлука за поставување урбана опрема, како и тоа што не е донесена според Бадентеровото правило.