Кражби и фекалии го преплавија кампот во Табановце
Нема крај на хаосот, кражбите и човечките негрижа и невнимание кои владеат во прифатниот камп за бегалци во кумановското село Табановце, на македонско-српската граница. Вчера, засега непознат крадец, среде бел ден успеал да украде 34 ќебиња од возило кое носело хуманитарната помош, а било паркирано во кампот.
Кога кражбата била откриена била пријавена во полиција по што почнале други проблеми. Околу 14 часот во кампот пристигнала полициска увидна екипа, но наеднаш снемало струја во бегалскиот камп, а врнело и дожд, па записник за кражбата не бил направен.
После неколку часа дефектот во електричната мрежа бил саниран. Но, потоа вклучените апарати за кафе се прегреале и почнале да горат. За среќа, вработените во кампот брзо реагирале и спречиле да пламне пожар.
Од невремето септичката јама се преполнила, па комуналните служби не биле во можност да ја испразнат, а непријатната реа им здодеала не само на бегалците, туку и на вработените.
Во јануари годинава, волонтери од невладините организации кои активно учествуваат во работата на прифатниот камп „Табановце“ кај Куманово, забележале жители од селото Табановце како влегуваат во кампот преправени во бегалци и бараат облека од волонтерите. Притоа дел од нив биле откриени дека зад шаторите облеката ја ставаат во торби и повторно се враќаат да бараат нова. Додека се одвивала јануарската драма на еден волонтер му бил украден мобилниот телефон, а во караницата се вклучиле и продавачи на цигари кои биле во транзитниот центар, се шетале и продавале цигари без никакво одобрение.
Минатиот месец, пак, хигиеничар вработен и задолжен за чистење во овој прифатен центар забележал како вработени во Македонски железници земале облека наменета за бегалците.
Прифатниот камп има максимален капацитет на кратко да опслужи 1.000 бегалци. Но, во него моментално има над 1.100 деца, мажи и жени, кои се заглавени и не можат со денови да заминат кон ЕУ.
Нивната судбина, после вчерашната одлука уште повеќе е неизвесна. Во изминатите денови, околу 200 бегалци кои со денови чекаа да заминат од кампот, не можеа да ја поднесат неизвесноста, па сами си бараа со бегалскиот воз да бидат вратени во Грција, а потоа и во родните земји.
Извор: Плусинфо.мк