Демократски сојуз: Се распаѓа кулата од карти на власта
Демократскиот сојуз соопшти дека според партиските анализи, кулата од карти се распаѓа.
„Досега невидената манипулативна кампања почна да го губи здивот и станува контрапродуктивна. „Успесите“ на власта не можат да ја покријат аболицијата за корумпираните политичари, блокадата на СЈО, подготовките за изборен фалсификат (не се прочисти избирачкиот список) и пред се најавите од Европската Унија за санкции за државно политичкиот врв и државата. Не можеме да поверуваме дека големите патриоти по чиј налог се уривал станбен комплекс или се краделе пари од превозот на ученици, мирно да спијат, додека нивните подредени одат во затвор“, соопшти партијата на Павле Трајанов.
ДС го повика Ѓорге Иванов да ги поништи одлуките за аболиција и да отвори можност против политичкиот естаблишмент да се води судска постапка како за секој друг граѓанин.
„Кога „мечот“ виси над Македонија, треба да се ослободите од партиските стеги и да ја повлечете аболицијата, во спротивно оганот кој го запаливте наскоро ќе не зафати сите. Најавата за санкции, ако се реализираат тоа ќе биде смртоносен удар од ” патриотите ” врз Македонија, затоа откажете ги изборите и повлечете ја аболицијата. Направете и Вие нешто за народот и државата. Инаку протестите ќе продолжат и ќе бидат се помасовни, граѓаните сакаат правда и мир.“, порачуваат од ДС.
Извор: Плусинфо.мк