Заев: Немам добиено никакво писмо од ЕУ
Ние продолжуваме со барање на правдата и правичното судење, тоа што ни го дава законот како можност и Европската конвенција, членот 6. Денеска, бевме на рочиште кое што е закажано пред месец и полoвина, токму на денешниот датум. Рочиштето за жал не се одржа, бевме известени од службите од судот дека нема да се одржи ваквото рочиште.
Ние од опозицијата поднесовме жалби на овие постапки, кои што се резултат на незаконската и неуставната, аболиција од Ѓорге Иванов, кое што само по себе, претставува преседан, да се аболицира сведок, да се аболицира странски државјанин, и мал милион дурги глупости во самиот акт. Правото на правично судење го продолжуваме преку апелација се до Стразбур, користејќи го членот 6 од Европската конвенција. Најверојатно ќе биде само по себе и преседан да има вакви процеси во Стразбур, некој да е аболициран и да бара тоа да се укине за да добие право на правично судење., изјави денеска пред Основниот суд Скопје , лидерот на СДСМ, Зоран Заев.
– Жалбите до Апелација се поднесени по однос на решенија за мене, Зоран Верушевски, неговата сопруга, но и од сите кои сме вклучени во овој срамен предмет „Пуч“, но и за другите предмети кои се против нас. Во ова наше општество стана некако драматично да се изедначува со некаков акт на аболиција тој што е жртва и тој што е злосторник во општеството. Ние тоа нема да го дозволиме. Ние можеби сме единствени, кои сакаме по правен пат да ја поништиме аболицијата, актот за помилување од Ѓорги Иванов. Прашање е дали Никола Груевски, Миле Јанакиески, Гордана Јанкулоска и другите имаат отворено ваква постапка за да покажат навистина дека се против аболицијата која им е дадена од Иванов – нагласи Заев.
Поранешниот директор на Управата за безбедност и контраразузнавање Зоран Верушевски, пак, истакна дека ги користат правните „лекови“ за случајот „Пуч“ и дека јавноста треба да знае дека по одлуката на аболиција, тие во законските 3 дена поднеле жалба и чекаат Апелација да им одговори.
– Ако нашата жалба се отфрли, тогаш нашата правда ќе ја бараме пред Меѓународниот суд во Стразбур – нагласи Верушевски.
Новинарите го прашаа Заев дали нему или, пак, на адреса на СДСМ стигнало писмо од еврокомесарот Јоханес Хан, како што со денови се шпекулираше во јавноста дека такво писмо добиле сите четворица потписнички на Договор од Пржино, на што тој истакна:
– Јас немам добиено такво писмо.
Во однос на наводно, пак, писмо од евроамбасадорот Аиво Орав, лидерот на СДСМ рече дека не би можел да коментира такви работи и дека се надева дека токму Орав можеби ќе даде одговор на овие прашања.
– Тоа што јас го знам е во континуитет повторување на нивните ставови, односно условите за избори, поништување на актот за аболиција и секако, одржување на изборите тогаш кога ќе се создадат услови за фер и демократски избори. Деталите од ваквите пораки може да ги соопштат само тие за кои велите дека ги имаат соопштено или ги имаат кај себе. Јавноста и медиумите знаат дека конструктивниот фактор во целиот овој процес е опозицијата и ние тоа и ќе останеме. Нашите услови јавно ги кажавме, а тие се укинување на аболицијата и собранието да биде свикано заради исполнување на условите за одржување на фер и демократски избори. Ние сме конструктивен партер и ако тоа се случи спремни сме да ги продолжиме преговорите за сите барања кои беа испорачани во овој период – нагласи Заев.
Извор: Локално.мк