Заврши распитот на Талески во СЈО
По два часа распит кај Катица Јанева, битолскиот градоначалник го напушти СЈО со старите ставови за Транспортер- дека се работи за наметнат процес со кој се прави политичка хајка против него, јави 24 Вести.
Уште еднаш ги отфрли обвинувањата од СЈО дека правел коруптивни тендери во Битола со транспортот на ученици. Вели неговата општина работела транспарентно.
Талески еден месец е во домашен притвор, од каде беше спроведен со полициска придружба, а во зградата на СЈО влезе без лисици на раце. Битолскиот градоначалник од дома ја води општината, потпишува документи кои курирската служба секојдневно му ги носи. Талески не одговори конкретно како функционира општината со градоначалник кој издржува мерка куќен притвор.
30 дневниот куќен притвор на битолскиот градоначалник истекува утре. СЈО по денешниот распит треба да донесе одлука дали ќе бара продолжување на домашниот притвор. Во меѓувреме, опозициските советници во Битола подготвуваат предлози за негова оставка и барање за заменик градоначалник, кои треба да бидат ставени на усвојување најдоцна за два дена.
Во случајот Транспортер, освен Талески за финансискиот криминал со транспорт на ученици, кој беше оценет како најскап во светот, осомничени се 22 лица- превозници, директори на училишта.
Извор: 24 Вести