Груевски, Црвенковски, Бучковски и Костов ќе бидат сослушани за поплавите
Надзорната расправа во Собранието за последните поплави во Скопско почнува денеска, а ќе бидат сослушани 30 сегашни и поранешни функционери, меѓу кои и четворица поранешни премиери во чии мандати беше градена обиколницата.
Никола Груевски е поканет на надзорната расправа на барање на пратениците на СДСМ, а Бранко Црвенковски, Хари Костов и Владо Бучковски на барање на пратениците на ВМРО-ДПМНЕ. Тема на расправата е поплавите што минатиот месец го погодија скопскиот регион, а обиколницата околу Скопје е градена за време на мандатите на сите овие премиери од 2002 до 2006 година.
Расправата која почнува денеска се одржува на барање на пратениците на СДСМ во Комисијата за земјоделство, шумарство и водостопанство. Денеска ќе се сослушуваат вицепремиерот Никола Тодоров, како шеф на Кризниот штаб на Владата, Оливер Ромевски, директорот на УХМР, Михаил Цветков, министерот за земјоделство, Тони Мартиновски, директорот на „Скопско Поле“, Митко Чавков, поранешен министер за внатрешни работи, Дритон Кучи, министер за економија, Жарко Караџоски, директорот на „Македонски шуми“, Коце Трајановски и Тони Трајковски, градоначалниците на Скопје и на општина Гази Баба…
Поранешните премиери ќе бидат сослушани најверојатно наредната недела.
СДСМ ја иницираше надзорната расправа за „Примената на законските и подзаконските прописи во областа на хидромелиоративните системи и хидрометеоролошките работи“.
Извор: Плусинфо.мк