Мултимедијална презентација на проектот „Граѓански објектив“ – “Ние сме медиумите“
„Ние сме медиумите!“ е двочасовна мултимедијална презентација на проектот „Граѓански објектив“ која ќе се одржи в петок, 4 ноември, во Младински културен центар (МКЦ), на катот над кино „Фросина“, со почеток во 11 часот.
„Граѓански објектив“ е проект во чии рамки граѓанските новинарки и новинари снимија и објавија десетици видео изјави, фотографии и текстови за бројните злоупотреби и кршењето на човековите права во изборен контекст и пошироко.
На оваа мултимедијална презентација Цивил ќе ја промовира публикацијата „Ние сме медиумите!“ во која се поместени искуства, извештаи и извонредни текстови на автори кои пишуваат за слободата на изразувањето, за трансформацијата на медиумите, за македонските состојби, за историјата на граѓанското новинарство… Публикацијата ќе биде објавена на македонски, албански и англиски јазик во печатена и електронска форма на онлајн каналите на Цивил.
Исто така, Цивил објавува и истоимено електронско издание на ДВД кое, освен публикацијата на трите јазици, содржи и 45 видео прилози, фотографии и текстови на наградените прилози на граѓанските новинарки и новинари од целата земја. На презентацијата ќе биде отворена и изложба со фотографии од граѓански новинари и од проектот.
Посетителите ќе имаат можност да добијат бесплатни примероци од публикацијата, ДВД, беџови, да ја проследат изложбата и да се запознаат со условите за учество во проектите на Цивил посветени на граѓанското новинарство и на изборното набљудување.
Поканети се добитниците на наградите, предавачите на семинарите за обуки, медиумите, претставниците на граѓанските организации и сите заинтересирани граѓанки и граѓани.