Аплицирањето за добивање место во државните студентски домови за следната студиска година започна денеска, прво преку електронско пополнување на пријава (www.konkursi.mon.gov.mk), а ќе трае до 12 август.

Годинава место ќе има за 5.498 студенти, додека лани бројката беше поголема за 200 легла.

Најмногу, околу четири илјади се за во Скопје. Во најголемиот студентски дом во главниот град, „Гоце Делчев“ и годинава ќе се користат само две од четирите згради, блоковите „А“ и „Б“ кои се реконструирани. „В“ и „Г“, според она што може да се види на терен, сè уште се реновираат. До каде е реконструкцијата, официјален одговор од Министерството за образование и наука (МОН) не добивме.

Нема промени во начинот на распределба на местата ниту во условите за прием. Како што пишува во конкурсот на МОН, 40 отсто од слободните студентски легна ќе бидат наменети за студентите кои се деца без родители, со посебни потреби, на самохран родител или на невработени, како и оние семејства каде вкупните приходи не се поголеми од минималната плата.

Исто така, 25 отсто од местата се наменети за студентите со висок успех. Оние 35 отсто од леглата, пак, ќе ги пополнат студентите кои не припаѓаат во некоја од наведените групи.

Според наведеното, и годинава место во домовите ќе нема за оние кои го нарушувале куќниот ред и имаат воспитна мерка, останале должни за повеќе од еден месец за сместувањата од минатата година, како и за студентите што по втор пат се запишани како апсолвенти или оние на постдипломски студии.

Поврзани вести

Најново