Бејли до Заев: Сега е време Владата да се фокусира на започнатите реформи
Сега е добро време и дека се создадени околности владата да се фокусира поинтензивно на најавените и започнатите реформски процеси, особено во делот на владеењето на правото и борбата против организираниот криминал и корупција на национално и на локално ниво, рече американскиот амбасадаро Џес Бејли на средбата со премиерот Зоран Заев.
Премиерот Заев се согласи со амбасадорот Бејли дека сега е вистинско време, после крајот на политичката криза и успешно спроведените избори, да настапи период во кој владата целосно ќе се посвети на интензивирање на реформите за економски развој на земјата, како и на динамизирање на процесите за евроатлантските аспирации, информира ладината прес-служба.
Претседателот на Владата нагласил дека во спроведувањето на суштинските реформи владата останува на заложбата тој процес да биде исклучително инклузивен и дека во овие активности очекува поактивно вклучување на опозицијата и на другите чинители.
Заев се заблагодарил на поканата да земе учество на конференцијата посветена на справувањето со екстремното насилство и борбата против тероризмот и нагласи дека Владата на Република Македонија ќе продолжи понатаму да ги надградува националните политики во оваа сфера и дека ќе ја поддржува меката превенција и работата на Националниот комитет за спречување на насилен екстремизам и борба против тероризам.