Дебата: Прислушувањето да се тргне од УБК – УБК да излезе од МВР
Системот за следење на комуникациите да се дислоцира од Управата за безбедност и контраразузнавање, со цел да се укине монополот, што таа сега го има во овој процес, препорача денеска директорот на УБК Горан Николовски, презентирајќи решенија за претстојните реформи.
Тој на денешната научно стручна дебата, во организација на Факултетот за безбедност – Скопје, рече дека Македонија согласно препораките во извештајот на Рајнхард Прибе потребно е да спроведе реформи на целокупниот безбедносно-разузнавачки систем, но и да се регулира следењето на комуникациите.
– Заклучот од досегашните анализи и истражувања е дека е потребно префрлање на свичовите, медијациските уреди за конекција меѓу сигналот и провајдерот, од УБК, нивно вадење од УБК, и префрлање на друго место. УБК има монопол во следење на комуникациите. Јас како директор имам можност да бидам запознат со се што се случува во државата, јас го ставам потписот, тоа е тој монопол. Поентата е тоа да се тргне како можност и да се понуди решение со кое повеќе нема да се злоупотребува овој систем, рече Николовски.
Четири предлози на маса
Изминатиот период биле разгледани четири предлози како тоа да се направи. Според првиот, свичовите би се префрлиле кај провајдерите, вториот подразбира нивно дислоцирање во обвинителството, третиот е формирање независно тело за контрола на овој процес и четвртиот кога станува збор за кривични дела, тие да бидат кај провајдерите, а за прашања за безбедноста на државата да останат во УБК.
Најприфатлив предлог, според Николовски е третиот, формирање на независна владина агенција, која ќе биде надлежна во делот на техничката улога за следење на комуникациите.
Станува збор за оперативно-техничка агенција, која нема да може да собира податоци, нема да може да ги следи комуникациите, само ќе може да го овозможи сигналот или како што рече Николовски „таа ќе го стиска копчето“.
– Тие ќе може да го вклучуваат сигнал, но нема да може да слушаат, појасни тој.
Владата веќе го прифатила овој модел, формирана е работна група, која ќе работи на дефинирање на конечното решение, а во која се вклучени сите институции, кои имаат одредени надлежности во разузнавачките активности.
Николовски очекува кон крајот на декември групата да излезе со законски решение за регулирање на ова прашање и додаде дека во целиот процес ќе биде вклучена и јавноста со дебати со цел да се зголеми свеста за потребата од ваквата реформа.
-Ако врз основа на постоечкото наше искуство, но и на мноштвото европски оценки и анализи за овдешните состојби – сме едногласни во сознанието дека УБК, со својот концепт на функционирање беше предмет на класична и континуирана политичка злоупотреба, преку која што политичко-бирократскиот естаблишмент ја генерираше општата коруптивност на општеството, тогаш сосема е јасно каква и колкава е големината на задачата што ја имаме превземено во насока на коренита реформа на овој безбедносен сегмент, рече министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски.
УБК надвор од МВР
Професорот од Факултетот за безбедност Томе Батковски посочи дека е потребна реформа на целокупниот безбедносно-разузнавачкиот систем на Ребуплика Македонија.
Според него реформата на безбедосно-разузнавачкиот систем, мора да оди во насока да се формира Совет за национална безбедност, не како сегашниот, кој дава само препораки и мислења, туку по примерот на САД.
Таков совет би имал две помошни тела, Биро за координација на безбедносно-разузнавачките служби и канцеларија на советот за национална безбедност, како стручно административно тело.
Тој смета и дека УБК треба да излезе од МВР.