Бочварски донираше за малата Валерија
Градоначалникот на Штип Благој Бочварски донираше 30.000 денари за операција на седумгодишната штипјанка Валерија Зафировска, за чија операција на тумор на мозокот се потребни 40.000 евра.
– Ќе се видам со претседателот на Советот, претходниот состав на Советот сè уште го нема земено последниот паушал, но ние ќе разговараме за средствата кои ќе ги добијат, дали и советниците можат да донираат. Јас би ги поттикнал да го направат тоа бидејќи сега е моментот да покажеме солидарност, да бидеме хумани бидејќи е важно за нашиот град да покажеме како во идниот период треба да се бориме за секој живот. Штип е солидарен град и јас имам некои идеи по овој основ, бидејќи се соочувам со многу луѓе кои немаат пари за лекување дома или во странство, или да заминат и до Скопје, па да направиме еден солидарен фонд, една сметка да отвориме солидарна, на која секој месец правни и физички лица ќе донираат колку можат и од таму да се донираат средства на оние кои имаат потреба од тоа – рече Бочварски.
Тој најави дека утре ќе бидат уплатени околу 10.000 денари од општинската сметка на сметката за лекување на девојчето.
За Валерија се донира на жиро сметката 300081000001938 Комерцијална банка АД Скопје Дознака: Валерија Зафировска –хуманитарна сметка.