(ВИДЕО) Промовирана книгата на Томислав Кежаровски „Живот во кутии“
Јас го имав најдобриот адвокат, Филип Медарски, но нарачателите ги имаа судиите, ова вечерва го рече Томислав Кежаровски на промоцијата на својата книга „Живот во кутија“, која се одржа во амфитеатарот на Универзитетот ФОН. На промоцијата присуствуваа актери, професори, новинари, како и премиерот Зоран Заев. Книгата е испечатена во тираж од 2.000 примероци.
„Во затворот пишував на кутии од цигари, на разни белешки, на што ќе најдев“, рече со треперлив глас новинарот Кежаровски пред присутните. Тој исто така рече дека не бил затворен за случајот „Ореше“, туку дека во затвор се нашол затоа што со 5-6 текста ѝ брцнал во око на власта.
„Кога ме повика обвинителката, ми рече дека треба да пеам“, се присети Кежаровски. „Ми го повредија семејството и поради нив загубивме близок член на семејството, не можеше да ја издржи неправдата“, со солзи во очите говореше Кежаровски пред присутните. „Тоа што го поминав во затворот беше морничаво патување. Четворица живеевме во 8 квадрати. Ако можевме ние, во Македонија има простор за 2 милиона луѓе беспрекорно да живеат“, рече на крајот новинарот Кежаровски.
Професорката Маја Стевановиќ рече дека Кежаровски е македонскиот Солжењицин, односно политички затвореник во една диктатура што завршила. Таа говореше дека очекува набргу за Кежаровски да биде направен филм од национален интерес.
Новинарот Синиша Станковиќ, говорејќи за книгата, рече дека Кежаровски моментно е стипендист во Академија за политички прогонети во Хамбург.
Професорот Нано Ружин говореше дека Томислав Кежаровски станал најпознатиот истражувачки новинар од Македонија во светот, кој поради пишаниот збор, станал синоним за борба против диктатурата.
Извор: Макфакс
{vembed Y=6pIHqApepn0}