Заев се надева на влез во ЕУ и пред 2025, Хан ја повика и опозицијата да даде придонес
Премиерот Зоран Заев по средбата со еврокомесарот Јоханес Хан изјави дека лично очекува и побрзо од 2025 година влез во Европската унија, а Хан појасни дека во Брисел не се подготвува документ само за Србија и за Црна Гора за влез до 2015 година, туку за динамиката за влез на сите шест земји од регионот.
„Лично јас очекувам и порано од 2025 година Македонија да стане членка, но тоа е само моја желба. Се зависи од динамиката со која ќе ги исполнуваме барањата. Тоа зависи и од економските извори на живот. Зајакнувањето на стандардот на нашите жители ќе значи приближување на ЕУ. Сега сме со многу понизок стандард од ЕУ, но тоа ни дава предност да привлекуваме странски инвеститори. Имаме одлична најава, со 19 веќе имаме склучено договори. Имаме зголемена активност од домашните инвеститори“, рече Заев.
„Мојот успех ќе го сметам за потполн кога ќе почнат претпристапните преговори. Заедно мора да го истрчаме овој последен половина километар. Сакаме на почетокот на следната година да се случи Македонија да добие препорака, а сега сме посигурни дека нашите држави членки ќе дадат позитивна оценка. Работите одат во добра насока, треба уште да се работи, а реформите на разузнавачката служба, правосудството, медиумите да се спроведат. Важно е и опозицијата да биде дел од тие реформи и да даде свој придонес. Ако се работи за европската перспектива на вашата земја и тоа е ваша национална цел, очигледно е дека може да се постигне ако сите придонесат. Ја поттикнувам опозицијата да бидат дополнително критични, конструктивно критични за да се постигнат сите рокови и датуми кои ги договоривме. Гледам дека има промени во земјата, кои се неопходни поради изменетата политичка средина. Мислам дека постигнавте голем напредок како земја и служите како пример во регионот“, рече Хан.
На прашање дека во Брисел се подготвува документ Србија и Црна Гора да станат полноправни членки до 2025 година, зошто Македонија е изоставена, Хан рече дека ќе има документ, но тој ќе се однесува на сите шест земји од регионот. „Не се издвојуваат само овие две земји. Стратегијата која ќе биде објавена во февруари ќе ја опфати европерспективата на земјите од регионот“, рече Хан.
Хан го поздрави брзото постигање договор за добрососедство со Бугарија, а следи нивно претседателство и „тие се залагаат за интеграција на Западниот Балкан во ЕУ. Ова е шанса од година и пол кој треба да го искористиме“, рече Хан.
На новинарско прашање, зошто Заев очекува препорака за почеток на преговори во февруари, кога проблемот со Грција сè уште не е решен, тој рече: „Имаме одлични пријателски односи меѓу Македонија и Грција и треба да го искористиме моментот. Добивам информации и од грчка страна дека и во Грција е позитивен моментот, и очекувам да се изнајде решение за проблемот што го има Грција со нашето име“.
Претходно ги изнесе определбите за унапредување на политичката состојба во земјата. „Во делот на изборите владата ги спроведе укажувањата на ОБСЕ и ОДИХР и Венецијанската комисија. Во соработка со Собранието Владата се фокусираше на соработка со сите партии особено со опозицијата. Граѓанското општество е рамноправен партнер и коректор на институционалните политики. Реформите во медиумската сфера трајно ќе го ослободат медиумскиот простор од сите влијанија. Го укина рекламирањето на медиумите на владата“, рече Заев.
Според него, реформата во правосудството треба да отвори простор за вистинска независна судска власт и на граѓаните ќе им овозможи враќање на довербата.
Заев рече дека се надева дека Европската унија ќе ги препознае напорите на оваа влада која спроведува реформи, и ќе ја стави Македонија во стратегискиот план за проширување што ќе биде објавен во февруари. Се надева и на датум за претпристапни преговори со ЕУ.