Прва пресуда за „Шамарите во Центар“
Во Кривичниот суд денеска ќе биде соопштена првата пресуда за случајот на Специјалното јавно обвинителство (СЈО) познат во јавноста како „Шамарите во Центар“. Пресуда ќе добие советникот во Оштината Центар од ВМРО-ДПМНЕ, Томислав Лазаров, кој на минатото рочиште кога почна главната расправа ја призна вината и изјави дека чувствува длабоко каење.
Обвинителката Фатиме Фетаи тогаш изјави дека очекува осудителна пресуда со оглед на тоа што и самиот обвинет си ја призна вината, но од судот побара и признавањето да биде земено како олеснителна околност.
Во случајот за насилството во Општина Центар за време на две седници на советот во јуни 2013 година, обвинети се вкупно 14 лица, од кои првообвинет е лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски, а веднаш по него е екс министерот за транспорт и врски, Миле Јанакиевски. Обвинета е и тогашната советничка во советот, а сега пратеничка од ВМРО-ДПМНЕ, Даниела Рангелова. За нив, како и за останатите обвинети судењето продолжува, додека за Лазаров постапката беше раздвоена по признавањето на вината.
Сите други, на минатото рочиште се изјаснија за невини.