Submit to FacebookSubmit to Google PlusSubmit to TwitterSubmit to LinkedIn

За посета на Атина и средби со премиерот Ципрас, шефот на грчката дипломатија Коѕијас и претседателот Павлопулос со надеж дека патувањето ќе се случи на почетокот на новата година, за поддршка и помош од Грција, за нашето членство во ЕУ и НАТО како единствена алтернатива, за градење мост на пријателство со Грција за зголемување на меѓусебната доверба, а со тоа и отворање на патот кон решение, за прашањето за името како чувствителна тема за двете страни, но и за ситуацијата во судството и медиумите кај нас, говори македонскиот премиер Зоран Заев во интервјуто за грчката државна новинска агенција АПЕ-МПЕ, пренесе МИА.

– Во овој период ја планирам мојата посета на Атина, се надевам на почетокот на новата година, за да се сретнам со премиерот Алексис Ципрас, со министерот за надворешни работи Никос Коѕијас, со претседателот на Република Грција и со грчки пратеници, вели Зоран Заев во интервјуто.

Македонскиот премиер, потенцира дека за нас не постои друга алтернатива од ЕУ и НАТО, вели дека во изминатите 6 месеци, владата особено ги подобри односите и со соседите и со земјите од НАТО и Европската унија. Го споменува договорот со Бугарија, објаснувајќи дека го отвори патот за трговија, инвестиции, култура и образование за нашата земја и изрази надеж дека и со Грција ќе имаме сличен позитивен развој на настаните

– Нашата позиција е следната: бараме поддршка и помош од грчките граѓани и секако преку институциите и од грчката влада, од опозицијата и од грчкиот парламент. Имаме предвид дека прашањето за името е чувствителна тема и не е воопшто лесно ниту за грчките политичари. Сепак, сакаме да се обидеме меѓусебно да се разбереме и да го охрабриме изнаоѓањето решение кое ќе биде прифатливо и за двете страни. Или двете страни ќе бидат подеднакво задоволни или подеднакво незадоволни. Таков е компромисот. Но, верувам дека како политичари, можеме да добиеме повеќе, ако имаме храброст да најдеме решение и да донесеме одлука, отколку да го одложуваме, како што беше случај во минатото, одговара македонскиот премиер на прашањето какви иницијативи ќе преземе нашата влада за да ги подобри односите со ЕУ, НАТО и со Грција.
Зоран Заев, преку грчката државна новинска агенција, упатува пријателски пораки до Атина, изразувајќи ги неговата подготвеност и расположение да се подобри климата меѓу двете земји.

– За мене е важно да градам мост на пријателство, преку кој, се надевам дека ќе постои меѓусебна доверба, за да стане полесно постигнувањето решение, па дури и за една толку чувствителна тема. Имајќи го ова предвид, сметам дека решение е можно. Треба повеќе да се грижиме за нашата иднина, отколку за нашето минато, вели Заев.

Во однос на спектарот на отстапки што е подготвен да ги направи, но и за тоа дали се согласува со промена на името на аеродромот, македонскиот премиер, како што објави грчката новинска агенција, рекол дека е јасно дека полесно е да се промени името на еден аеродром отколку името на земјата.

Запрашан за последниот извештај на ЕК и за ситуацијата во судството и медиумите, македонскиот премиер вели дека целта на Владата е да ги извади „валканите раце“ на политичарите од правниот систем, кој треба да е независен.

– Во минатото, до пред четири месеци, однесувањето на обвинителите и судиите беше да бидат добри со владата. Ние не сакаме такво нешто. Сакаме да ги почитуваат нашиот Устав и нашите закони, а одлуките да ги носат со целосна независност, објаснува Заев.

Во однос на медиумите пак, го споменува лошиот извештај за Македонија на „Репортери без граници“ и вели дека во консултации со сите инволвирани страни, започнат е процесот за носење нов закон.

На прашањето за можноста поранешниот премиер да се најде пред суд, Заев, како што пишува грчката новинска агенција, рекол дека не е приврзаник на политиката на одмазди, туку борец за независно судство, односно, дека ако има докази против Груевски, тогаш правниот систем ќе треба да си ја исполни должноста што ја има.

Поврзани вести

 

Најново