DW: Денеска извештај – какви тајни крие системот АКМИС?
Јавноста со огромен интерес го очекува Извештајот кој треба да открие дали судските предмети се распределувале електронски и по случаен избор или се давале на рака на „подобни судии“, информира DW.
Денеска во Министерството за правда (15 часот) ќе бидат објавени клучните наоди од увидот во користењето на системот АКМИС – Автоматизиран информациски систем за управување со судските предмети (Automated Court Case Management Information System – ACCMIS). Извештајот ќе го презентира министерот за правда Билен Саљији, во присуство на заменик-министерот Оливер Ристовски и двајца претставници на Комисијата која го вршеше увидот во судовите – државниот советник во ресорот правда, Валентина Шаурек, и судијата Лазар Нанев.
Јавноста со огромен интерес го очекува овој Извештај, кој треба да открие како се користел системот наменет за електронска распределба на судските предмети: дали тие навистина биле распределувани по случаен избор или се давале на рака на „подобни судии“ во зависност каков е политичкиот интерес за разврска на одреден предмет, односно дали е тоа предмет на СЈО и кај кој судија би било добро да биде „распределен“. Сомнежи за манипулативна распределба на предмети беа нотирани и во првиот Извештај на експертската група предводена од Рајнхард Прибе: „Постои перцепција дека овие правила не се секогаш почитувани и дека може да се најдат начини за да се заобиколи системот“.