Студено утро со сонце и повисока температура во текот на денот
Времето во поголем дел од Македонија, денеска и утре ќе биде претежно сончево, а само во западните делови ќе има повремено зголемување на облачноста. На планините на северозапад ќе има и услови за провејување на слаб снег.
Утринските минусни температури во текот на денот ќе бележат пораст и ќе бидат во интервал од од три до 12 степени.
Под влијание на јужно струење во наредните денови дневните температури ќе бидат релативно високи. В среда облачноста ќе се зголеми, а врнежи од дожд во западните делови ќе има во текот на ноќта кон четврток и во четврток претпладне.
Најстудено изутринава во седум часот беше во Берово и во Скопје – Петровец, каде што се измерени минус шест степени Целзиусови, по што следат Крива Паланка и Струмица со минус 5, Скопје Зајчев Рид, Гевгелија, Куманово, Тетово, Маврово, Штип со минус 4, Крушево, Пожаране, Битола и Демир Капија со минус 3, Лазарополе и Ѓуриште со минус 2, Претор, Виница, Тополчани и Прилеп со минус 1. Нула степени се измерени во Охрид и Дојран, а 2 во Дебар.
На Маврово висината на снежната покривка изнесува 5 сантиметри, во Лазарополе 4, а 3 во Ѓуриште и во Крушево.
Утре ќе биде сончево со мала, а во западните делови со умерена до значителна облачност. Ќе дува слаб до умерен јужен ветер.
Под влијание на јужно струење во наредните денови дневните температури ќе бидат релативно високи, а и утринските ќе бидат во пораст. Во среда облачноста ќе се зголеми, а врнежи од дожд во западните делови ќе има во текот на ноќта кон четврток и во четврток претпладне.