Submit to FacebookSubmit to Google PlusSubmit to TwitterSubmit to LinkedIn

Во Собранието за денеска е закажано продолжение на пет собраниски седници, а на првата од нив, 27., треба да се гласа за Предлог законот за употреба на јазиците, во второ читање, и за Предлогот за избор на судии на Уставниот суд.

За тие предлози завчера во законодавниот дом заврши претресот без дебата, но бидејќи немаше кворум претседателот на Собранието Талат Џафери гласањето го презакажа за денеска. Одлуките за законот за јазиците и за уставните судии се носат со мнозинство гласови од вкупниот број пратеници, односно неопходни се 61 глас „за“. Џафери завчера вечерта при гостување во телевизиска емисија рече дека очекува денеска да има кворум за гласање.

Изборот на Дарко Костадиновски и Осман Кадриу за уставни судии за кој треба да се гласа на денешната седница е на предлог на претседателот Ѓорге Иванов. Костадиновски и Кадриу треба да дојдат на местото на судијките Наташа Габер Дамјановска и Гзиме Старова, на кои мандатот им заврши во октомври годинава.

Дебатата за законот за јазизици во Собранието почна на 5 септември минатата година во собраниската Комисија за европски прашања, а парламентарното мнозинство ја усвои потребата од негово носење на 15 ноември лани. Против законот е опозициската ВМРО-ДПМНЕ со образложение дека е неуставен и дискриминаторски во однос на македонскиот јазик и останатите јазици на кои говорат граѓаните во Македонија. Пратениците од ВМРО-ДПМНЕ не учествуваат во работата на Собранието во знак на револт од притворањето на петмина нивни колеги и други граѓани за учество во инцидентите во законодавниот дом на 27-ми април минатата година.

Против законот се изјасни и претседателот Ѓорге Иванов во годишното обраќање пред Собранието. Според него, законот за јазиците претставува закана по унитарноста на државата и го крши Уставот на Република Македонија.

Наспроти опозицијата, предлагачот и пратениците од мнозинството, во текот на дебатата порачаа дека законот е дел од патот на евроатлантските интеграции на Македонија и на никаков начин не го нарушува ниту Уставот, ниту унитарниот карактер на државата.

Премиерот Зоран Заев исто така во неколку наврати изнесе оценки дека законот за јазиците е согласно Уставот и оти со него само ќе се унапредат некои практични потреби на граѓаните кои досега не им биле овозможени

Како што наведува во образложението од Министерството за правда, со законот се предвидува во сите органи на државната власт во Република Македонија, централни институции, јавни претпријатија, агенции, дирекции, установи и организации, комисии, правни лица кои вршат јавни овластувања согласно закон и други институции, службен јазик покрај македонскиот јазик и неговото писмо да биде и јазикот што го зборуваат 20 проценти од граѓаните на Република Македонија и неговото писмо, (албански јазик).

Мислење за употребата на албанскиот јазик на парите и униформите, на барање на Владата, треба да даде Венецијанската комисија.

На дневен ред на 27 седница се и предлог законите за изменување и дополнување на законите за работните односи, за остварување право на пензија за работниците во рударството, за реализирање на рамноправноста на службените јазици и писма во Република Македонија, за ловство, сите во прво читање. Собранието треба да се изјасни и за барања за автентично толкување и предлог одлуки за статути.

Според најавата, Собранието денеска треба да работи и по преостанатите точки од 22., 11.,13. и 15. седница.

Поврзани вести

Web banner Hit Portal Sinalco IceTea 2018 300x250px 01

 

Најново