Средба на владини претставници со откупувачи на јагнешко месо
Посебната советничка за земјоделство, шумарство и водостопанство на претседателот на Владата на Република, Ленче Николовска, директотот на Државниот земјоделски инспекторат, Јане Станкоски и заменик-директорот на Агенцијата за храна и ветеринарство, Фирус Мемед денеска во Владата се сретнаа со претставниците на кланиците – откупувачи на јагнешко месо.
Од владината прес-служба информираа дека на средбата станало збор за состојбата со откупот и пласманот на јагнешко месо, условите за работа на кланиците, но и за начините за унапредување на сточарството како важна извозно ориентирана гранка.
На средбата било заклучено дека разговорите од овој тип се одлична стартна основа за започнување на серизона и долгорочна соработка меѓу Владата, сточарите и државните и претставниците на кланиците -откупувачи на јагнешко месо, со цел да се унапреди соработката, да се воспостави комуникација и дијалог низ кој ќе се изнаоѓаат решенија за наталожените проблеми, но и ќе се развиваат стратегии за развој на оваа гранка.
Советничката Николовска ги слушнала барањата на откупувачите и ги информирала дека Владата формирала Комитет за земјоделство и безбедност на храната со кој претседава лично претседателот на Владата на Република Македонија, Зоран Заев, и дека систематизираните барања и предлози кои биле тема на разговор ќе бидат процесуирани и разгледани во рамки на ова тело во кое се носат важни одлуки и решенија за граѓаните.
Заеднички било констатирано дека важен е партнерскиот однос што Владата на Република Македонија го воспоставува со сточарите и откупувачите во процесот на носење и спроведување на политики во интерес на граѓаните.