МЕПСО бара на оглас копирант за месечна плата од 25.000 денари
Огласот на државната компанија МЕПСО во кој бара да вработи копирант во архива со средно образование и без искуство, а за сработеното месечно да добива нето платата од 24.900 денари покрена лавина од реакции на социјалните мрежи. Додека едни сметаат дека конечно дојде живот за македонските работници, други коментираат дека копирантот со ниту ден искуство, како за почетник, ќе се офајди со добра плата од 25.000 денари. Сепак, вистината е сосема поинаква – не е проблем големата платата на државниот копирант, туку премалите плати на македонските рмбачи.
МЕПСО денеска отворено одговори на сите наши прашања за исплатените плати во компанијата, но не ги криеше платите ниту на највисокото раководство. Добивме транспарентен одговор и на нашето прашање за исплатените плати на членовите на Управниот одбор на компанијата, но и за надоместоците на Надзорниот одбор.
Просечната плата во оваа компанија за 2017 година изнесува 35.677 денари. Највисоката плата изнесува 51.792 денари и се однесува на работна позиција Главен диспечер во подружница Оператор на електропреносен систем (ОЕПС).
-Согласно со менаџерските договори нето плата на претседател на Управен одбор изнесува 95.680 денари, а на член на Управен одбор изнесува 69.680 денари. Месечниот надоместок за член на Надзорен одбор изнесува 10.000 денари, а за претседател на Надзорен одбор изнесува 12.000 денари – велат од МЕПСО за Плусинфо.
Од компанијата денеска добивме и појаснување за работните задачи на копирантот, така што излегува дека работникот кој секој први во месецот ќе зема 25.000 денари нема да седи залепен до копирот на МЕПСО, туку ќе треба да ја средува целокупната архива, да извршува и други работни обврски за потребите на компанијата. Еве, што се вели во описот на бараното работно место.
КОПИРАНТ ВО АРХИВА
• Умножува, средува и поврзува материјал за потребите на Друштвото;
• Се грижи за техничката документација во Друштвото, се грижи за чување на месечните, неделните и дневните списанија, се грижи за чување стручната литература и за истите води евиденција за нивно издавање;
• Се грижи за исправноста и функционирањето на машините и средствата за умножување за што благовремено превзема мерки самиот а доколку има потреба за тоа го известува одговорното лице, со цел благовремено да се превземаат мерки за нивно исправно функционирање;
• Требува материјал за потребите на умножување и води евиденција за утрошниот материјал;
При изработка на секој писмен документ,поврзан со работните задачи од делокругот на работникот,со ставањето на својот потпис на истиот,работникот со целосна одговорност стои зад точноста и вистинитоста на така изработениот документ.
• Работникот е должен да ги извршува и другите работи покрај оние предвидени во описот, што одговараат на неговата стручна подготовка и работна способност, кои ќе му бидат дадени од страна на раководителот на службата.
Услови:
• Средно образование
• IV степен
• без работно искуство
• број на извршители 1
Извор: Плусинфо