Стипендии за едносеместрални студии и студиско усовршување во Хрватска
Министерството за образование и наука распиша конкурс за три вида стипендии за едносеместрални преддипломски/дипломски студии и студискo усовршување во Хрватска за академската 2018/2019 година.
Две едносеместрални стипендии за преддипломски/дипломски студии за изучување на хрватскиот јазик и литература се наменети за кандидати кои се студенти со завршено најмалку два семестра на катедрата за хрватски јазик и литература, студенти на катедрата за хрватски јазик и литература кои работат на нивните дипломски трудови или студенти запишани на втор циклус студии.
Конкурсот овозможува и стипендии за студиски престои до осум месеци со одделно траење од еден до два месеца. Кандидатите кои сакаат да се пријават за оваа стипендија потребно е да се магистри или доктори на науки од сите научни области.
Со овој конкурс се доделуваат и две стипендии за летниот курс по хрватски јазик и литература на Загрепската славистичка школа. За оваа стипендија кандидатите треба да се студенти по славистика, односно по хрватски јазик и литература, асистенти и професори од катедрата за хрватски јазик и литература или од други научни установи, кои го истражуваат хрватскоит јазик и литература, како и преведувачи и лектори.
Во конкурсот, кој е објавен на веб-страницата на МОН (www.mon.gov.mk), наведена е и потребната документација за пријавување. Рокот е до 2 март 2018.
Конкурсот е распишан врз основа на Програмата за соработка од областа на науката, технологијата и образованието помеѓу министерствата за образование на Македонија и Хрватска од 2015 година.