Submit to FacebookSubmit to Google PlusSubmit to TwitterSubmit to LinkedIn

По неколкумесечно отсуство, пратениците од опозициската ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата, по седницата за доверба на Владата, се вратија во работата на Собранието и тоа на гласањето за реформските закони според планот 3-6-9. Гласањето за овие закони се случува во пресрет на објавувањето на Извештајот на ЕК за напредокот на земјата, што треба да биде објавен на 17 април.

Пратениците со консензус вчера ги донесоа законите за Оперативно-техничка агенција (ОТА) и за следење на комуникациите, како и измените и дополнувањата на Законот за заштита на сведоци. Пратениците и од власта и од опозицијата потврдија дека се взаемно усогласени текстовите на овие закони.

Гласањето е одложено за законите од правосудството. Претседателот на Парламентот Талат Џафери го одложи гласањето за дополнетиот закон за судовите, во второ читање, во рамки на 34 седница, како и измените и дополнувањата на законите за јавно обвинителство и за кривична постапка на 35. седница, нивните продолженија ќе бидат дополнително закажани. Џафери објасни дека седниците се одлагаат поради потреба за дополнителни усогласувања за точките на дневен ред на овие седници.

Потпретседателката на Собранието и пратеник од СДСМ Фросина Ташевска Ременски истакна дека во текстот се вградени дел од зебелешките кои произлегле од дебатите кои се организираа за ОТА, на кои присуствуваа и експерти, се допрецизираа одредени дефиниции и надлежности.

– Ова е еден сериозен чекор во давањето гаранции за неповторување на незаконско следење на комуникациите во РМ од една страна, а од друга страна и гаранција дека човековите права и слободи ќе се почитуваат од сите институции, рече Ташевска Ременски.

Дополнително, додаде таа, се зацврстува собраниската контрола и надзор над ОТА и ги проширува сите можности што ги има Собранието преку надзорните комисии да го следи имплементирањето на законот.

– Првпат во Република Македонија во системот на следење на комуникации имаме најголема законска гаранција за обезбеден надзор и контрола над овластените органи за примена на мерките што дополнително ќе биде предизвик и за Собранието да ги искористи максимално, а со тоа и да покаже дека се залага за законитост во работењето на државните институции, заштита на човековите слободи и права и заштита на приватноста на граѓаните, рече пратеничката.

Во рамки на продолжението на 22. седница беа донесени и измените и дополнувањата на Законот за заштита на сведоци.
Невенка Стаменковска, од ВМРО-ДПМНЕ кажа дека работната група која работеше на овие измени кажа дека опозициската партија имала 11 предлози и оти врз основа на нив се направени интервенции во текстот.

– Свесни сме дека законот не е идеален, но е многу подобар од оној што беше предложен од СДСМ, кажа Стаменковска пред изјаснувањето на пратениците.

Извор: МИА

 

Поврзани вести

Web banner Duma Sinalco Nagradna Igra 300x250px

 

Најново