Слободен печат: И МПЦ-ОА за да биде признаена предлага да го избрише „македонска“
Македонската православна црква (МПЦ-ОА) испратила писмо до Вселенската патријаршија преку кое бара промена на своето име, објави „Ромфеа“, едно од највлијателните црковни гласила во Грција. Како што е наведено, МПЦ-ОА наводно побарала ново име, кое нема да го содржи терминот Македонија, а според посоченото, МПЦ-ОА побарала свое преименување во „Охридска и на Јустинијана Прима архиепископија“, објави Слободен печат.
Информацијата за испратеното писмо ја потврди и Вселенската патријаршија, која преку соопштение истакна дека освен барањето на МПЦ-ОА, писмо пристигнало и од македонскиот премиер Зоран Заев, кој побарал од Синодот на Вселенската патријаршија да ја врати МПЦ-ОА во канонскиот поредок под името Охридска архиепископија.
„Светиот синод на Вселенската патријаршија го разгледа барањето на расколничката црква на Скопје, поткрепено со писмото на премиерот на БЈРМ, Зоран Заев, кој побара од Цариградската патријаршија да преземе иницијатива за враќање на шизматичката црква во канонскиот поредок под името
Охридска архиепископија“, наведено е во соопштението на Вселенската патријаршија.
Владиците на Светиот синод се со различни ставови околу можното преименување.
Извор: Слободен печат