Ревизорски извештај за 2017: ВМРО ДПМНЕ противзаконски поседувала три сметки, 386.000 евра биле дадени за слики без фактури…
ВМРО – ДПМНЕ не ги прикажало реално податоците во финасиските извештаи, констатира Државниот завод за ревизија. Како одговорно лице за работењето на партијата посочен е Никола Груевски.
Во сметката за работењето за 2017-та година утврдено е дека партијата поседува три сметки што е во спротивност со Законот за финасирање на политичките партии во кој е прецизирано дека е дозволено да се има само една жиро сметка.
Нема соодветна документација и фактури за сметководствените трансакции во деловните книги, противзаконски е склучен договор со еден радиодифузер за рекламни спотови во период од 10 години на кој му бил префрлени околу 1 милион 210 илјади евра без навремено да се достават фактури за извршените услуги.
Склучен е договор за изработка на 271 уметничка слика во износ од 386 000 евра, но нема фактури каде завршиле парите за доставените слики.
Во декември 2016 година ВМРО – ДПМНЕ склучиле договор со банка за долгорочен кредит од 3 милиони евра. Партиското седиште е ставено под хипотека заедно со целокупната опрема во објектот. Од добиениот кредит 1,5 милиони евра веднаш биле префрлени на сметката на Коалицијата за парламентарни избори. Ова според Државниот завод за ревизија е спротивно на законот затоа што изворите од кредити не можат да бидат приватни извори на финасирање. За ваквата состојба е покрената и постапка пред надлежен суд.
Во извештаите реално не се прикажани приватните извори на финасирање на политичките партии. Во забелешките за извршената ревизија, ВМРО – ДПМНЕ навело дека една од сметките со која располага партијата била наменска, односно отворена за донации за уплата на средства за помош на семејствата кои претрпеле штета од поплавите. За уметничките слики доставувањето на фактурите било обврска на изведувачот, а тој тоа не го сторил затоа што не ги изработил во целост.
Што се донесува до финасискиот извештај за изборите во 2016 година, ревизорот изразил негативно мислење поради немањето соодветна документација за сите приходи и расходи за изборната кампања а се вршело и фактурирање на поголем односно помал износ за извршената услуга од страна на радиодифузерите. Одговорен за овој извештај е пратеникот Зоран Илиоски.
извор: Телма