„Катимерини“: Договорот ќе пропаднеше во „минута до 12“ да не се замешаше Германија
Ништо немаше да биде од договорот меѓу македонскиот и грчкиот премиер околу името, ако во целата приказна не се замешаа САД и Германија, тврди весникот „Катимерини“.
Првенствена улога во решавањето на спорот имала Германија, стои во текстот на атински „Катимерини“ во кој авторот се повикува на високи извори во Атина.
Весникот потсетува дека преговорите меѓу двајцата премиери почнаа во јануари во Давос, а потоа ги презедоа министрите за надворешни работи Никола Димитров и Никос Коѕијас кои го финализираа текстот за спогодбата, но при крајот Скопје, како што пишува весникот, неочекувано побарало измени на некои клучни, а веќе договорени формулации.
Тогаш „Американците, како и Евреопејците кои делуваа крајно загрижено бидејќи се чинеше дека договорот заглави во ‘минута до 12’, интервенираа во форма на ‘поттикнување за одлучувачки чекор’“, пишува весникот.
„Катимерини“ тврди дека „секако, имаше американски притисок на Скопје со кој беше ставено до знаење дека веќе нема смисла да се одолговлекува понатаму“, додека „грчката страна не беше под притисок бидејќи сите свои услови ги изнесе порано и го прифати ‘основниот компромис за јазикот и националноста’ на соседот’, но сепак „(американскиот подсекретар за Европа и Евроазија) Вес Мичел постојано беше во контакт со Коѕијас.“
Особено се одржале контактите меѓу Коѕијас и премиерот Ципрас со амбасадорите на Германија и САД во Грција, Јенс Плотнер и Џефри Пајат, како и со високата претставничка на ЕУ за надворешна политика Федерика Могерини.
„Катимерини“ пишува дека „улогата на Германците била дискретна, но одлучна“ и дека „никогаш не криеја дека се заинтересирани за решавање на проблемот и дека можноста за постигнување решение била подобра отколку претходно, што го кажеле и Атина и Скопје.“
„Берлин со тоа ѝ укажуваше на Грција дека не може вечно да го користи ветото за приближување на Македонија кон ЕУ и НАТО и дека проблемите со кои се соочува Европа укажуваат дека времето не е на страна на Грција за да продолжи да го чува нерешено прашањето со името со Македонија“, стои во објавениот текст.
Според дипломатските извори на кои се повикува „Катимерини“, пораката до Атина била јасна: „Нема да се мешаме додека не сметате дека можеме да помогнеме“, додека канцеларката Ангела Меркел му се јавила на премиерот Заев во Берлин кон крајот на февруари за да му пренесе дека процесот на пристапување на Македонија кон ЕУ е „историска задача“ и дека ја има нејзината поддршка во преговорите со Грција.
„Цело време канцелариите на грчкиот премиер и министерот за надворешни работи беа во директен контакт со Германците, за да се осигураат дека пораките што германската страна му ги праќа на Заев не бидат контрапродуктивни“, пишува „Катимерини“.
Во текстот детално е изнесена хронологијата на преговорите, опишан е и последниот тактички маневр со името „Илинденска Македонија“ чија цел било „да се загрее климата и да се забрза развојот“, а се толкува и како маневрирал македонскиот министер за надворешни работи Никола Димитров во Брисел, а се наведува дека Скопје „отстапувало“ и „отежнувало“, што било поврзано со протестите во Македонија, реакциите на ВМРО-ДПМНЕ и на претседателот Ѓорѓе Иванов.
„Катимерини“ пишува дека грчкиот министер Коѕијас „не криел дела сето тоа многу го нервира“ и дека му предложил на Ципрас да го „замрзнат“ склопувањето на договорот до септември, но премиерот му одговорил дека договорот мора да се затвори сега, бидејќи „сака да ја искористи предноста на самитите на ЕУ и на НАТо и да земе замав“ и укажаал дека не може да се предвиви какви ќе бидат околностите во септември.