Заев најави импичмент за Иванов
Премиерот Зоран Заев вчера во интервју за телевизијата „Канал 5″ изјави дека е можно собраниското мнозинство да побара импичмент за претседателот Ѓорге Иванов ако не го потпише договорот со Грција откако граѓаните на референдум би се изјасниле позитивно. За евентуалното повторно покренување на оваа постапка, според Уставот на Република Македонија неопходни се двотретински мнозинства и во Собранието и во Уставниот суд.
„Има желба за окрупнување на парламентарното мнозинство и тоа ќе го направиме исклучиво за импичмент на претседателот, ако мораме. Граѓаните се тие што ќе решат дали сакаат промена на името, но ако на референдумот договорот се прифати, никој нема право да го попречува нивното мислење“, рече Заев.
Синоќа премиерот Заев рече дека може да дојде и до окрупнување на бројот на пратениците за да се дојде до потребното двотретинско мнозинство. „Јас немам намера да работам на тоа, во моментов имам попаметни работи, но сѐ што е парламентарна демократија ние ќе го искористиме да дојдеме до таа можност граѓаните да одлучат за иднината. И на таа одлука ќе мора сите да ѝ се поклониме и да ја испочитуваме до крај“, рече Заев.
Во член 83 од Уставот на Република Македонија пишува дека за одземање на имунитетот на претседателот на државата „одлучува Уставниот суд со двотретинско мнозинство гласови од вкупниот број судии“.
Во член 87 од Уставот пишува дека претседателот на Републиката е одговорен за кршење на Уставот и законите во вршењето на своите права и должности. Веројатно е дека собраниското мнозинство ќе оди на оваа варијанта, на докажување дека Иванов не ги врши своите права и должности во случаите со непотпишувањата на указите за Законот за употреба на јазиците и очекуваната ратификација на договорот за промена на името со Грција. И за двата проекта на владината колаиција Иванов веќе се изјасни дека е против и дека нема да потпишува такви документи кои се противуставни.
„Постапка за утврдување на одговорност на претседателот на Републиката покренува Собранието со двотретинско мнозинство гласови од вкупниот број пратеници. За одговорноста на претседателот одлучува Уставниот суд со двотретинско мнозинство гласови од вкупниот број судии.
Ако Уставниот суд утврди одговорност на претседателот на Републиката, функцијата му престанува по сила на Уставот“, пишува во член 87 од Уставот.