Лидија Димчевска В.Д. претседателка на Апелацискиот суд Скопје
Скопскиот Апелациски суд доби нов шеф. В. Д. претседателката Лидија Димчевска и официјално ја наследи Љиљана Ивановска Шопова. Димчевска веќе седум месеци седи на шефовската фотелја на второстепениот суд, откако Ивановска Шопова се пензионираше. Судскиот совет едногласно ја избра Димчевска за претседател на Апелација, членовите образложија и зошто.
„Знае да раководи со суд, тоа го покажувала досега. И дека бев член на Комисијата и од интервјуто остави впечаток дека има визија за судот. За годините на искуството можам да кажам дека е меѓу најискусните судии, 31 година судиски стаж не е мала работа“, рече Селим Адеми, член на Судски совет.
„Судија, долги години во самиот суд. Ги познава работите во судот и може да раководи успешно со судот“, вели Виолета Богојеска, член на Судски совет.
„Веќе избраната судија ги исполни условите за да биде претседател“, рече Беким Реџепи, член на Судски совет.
За шефовската фотелја на Апелација се кандидираа 11 судии. Во трка беа и имињата на судии од кривичен како Добрила Кацарска која го осуди Груевски на две години затвор, меѓу другите и Огнен Ставорв кој суди во случајот „Монструм“.
Празното место – судија кривичар во Апелација се пополни. Со 10 гласа за и 2 против избрана е судијката Лирије Елези Ајрулаху, која доаѓа од „скопска единица“.
Шефовската фотелја ја задржа и в.д. претседателот на дебарскиот суд Илир Исени, кој беше избран за прв човек на судот.
Со 11 гласа за и еден против, судскиот совет за виш управен судија го избра поранешниот член на ДИК Субхи Јакупи. За судии во Управен се избрани поранешниот генерален секретар на Судскио совет Елизабета Васкова и стручната соработничка од тетовскиот суд Имсале Асани.
Изборот на судија во врховен се одложи, треба да се дополнат биографиите на пријавените судии. Ваквиот избор, според првиот човек на Судскиот совет Зоран Караџовски не треба да биде јавен и членовите на советот да образложуваат зошто гласале за или против некои од кандидатите. Караџовски смета дека и јавноста не треба да присуствува за избор на судии или претседател на суд.