ВМРО ДПМНЕ го поздравува потпишувањето на пристапниот Протокол за НАТО
ВМРО-ДПМНЕ го поздравува потпишувањето на пристапниот протокол за НАТО за Република Македонија. Ова е важен ден за Република Македонија и денес се завршува една неправда нанесена на државата од пред повеќе од 10 години.
Влезот на Република Македонија во НАТО е долгоочекуван и заслужен уште од 2008-тата година. Република Македонија уште на Самитот во Букурешт ги имаше исполнето сите реформи и услови за полноправно членство, но за жал тогаш беше спречена да стане членка само поради противењето на Република Грција и нејзиниот проблем со нашето уставно име и идентитет, кои сега на штета на граѓаните и државата на непринципиелен начин беа сменети по нивна мера, изјави Димче Арсовски, портпарол на ВМРО-ДПМНЕ.
,,Мораме да признаеме дека секој успех за Република Македонија и секој чекор напред за државата и граѓаните е причина за поздравување на истиот. НАТО е наша стратешка определба на ВМРО-ДПМНЕ и процесот за исполнување на условите е во голема мера заслуга на Владата на ВМРО-ДПМНЕ изминатите години која континуирано инвестираше во армијата и нејзините капацитети, преку многубројните учества во мисии и тоа не може да го негира никој.
На штета на граѓаните, останува чувство на горчина и понижување длабоко кај сите нас, од една болна причина што власта не се ни обиде да најде подобро решение на проблемот со името кое ќе биде балансирано и кое нема да ги погази сите македонски црвени линии, како што е случајот сега, односно решение кое нема да биде безусловно прифаќање на сите грчки уцени на недостоинствен и понижувачки начин за Република Македонија и граѓаните.
Зоран Заев и владата тргуваа со идентитетот, јазикот и традицијата, нешта кои ни се оставени од претходните генерации и кои се темел на државниот и националниот карактер на Република Македонија.Зоран Заев и оваа ненародна и насилна власт се тие кои ја свиткаа кичмата на македонскиот народ и тоа ќе остане длабоко запечатено во колективната историја на македонскиот народ”, додаде тој.
ВМРО-ДПМНЕ го повикува СДСМ и Владата да се охрабрат и да излезат на предвремени парламентарни избори заедно со претседателските. Време е поразите и понижувањата да станат минато и конечно да дојде Влада која ќе работи за решавање на реалните и суштинските проблеми за граѓаните, вели тој.