Submit to FacebookSubmit to Google PlusSubmit to TwitterSubmit to LinkedIn

izbirackis fin

Ноќеска на полноќ истекува рокот за увид во Избирачкиот список и пријавувањето за гласање на дисјаспората. На овој датум завршува и поднесувањето на барањата на граѓаните за запишување, дополнување или бришење податоци во Изборачкиот список.

Јавниот увид во Избирачкиот список се спроведува во подрачните одделенија и канцеларии на Државната изборна комисија, во време од 08:30 до 19:00 часот, вклучувајќи ги и деновите од викенд и празници.

Избирачкиот список се става на јавен увид со состојба на податоци на граѓани со наполнети 18 години живот со важечка лична карта или пасош на денот на изборите (21 април 2019 година), умрени лица 30 дена пред денот на распишувањето на изборите (8 јануари 2019 година) и други податоци од Избирачкиот список на денот на распишувањето на изборите (21 април 2019 година).

Од Државната изборна комисија ги повикуваат сите заинтересирани граѓани кои сакаат да извршат увид во своите податоци во Избирачкиот список, тоа да го направат на официјалната веб страница на Државната изборна комисија и во подрачните одделенија и канцеларии на ДИК.

Списокот на адреси на подрачните одделенија и канцеларии на Државната изборна комисија и други подетални информации граѓаните може да се најдат на официјална веб страна на Државната изборна комисија.

Барањата за запишување, дополнување или бришење на податоците во Избирачкиот список, граѓаните можат да ги поднесат само во подрачните одделенија и канцеларии на Државната изборна комисија.

Портпаролката на ДИК, Љупка Гугучевска информира дека до завчера вкупно 50.572 граѓани извршиле увид во Избирачкиот список во подрачните одделенија и канцеларии и оти се донесени 119 решенија за запишување во Избирачкиот список, 107 решенија за бришење од Избирачкиот список, како и 29 решенија за промена на податоци во Избирачкиот список.

Во тек е и пријавувањето за гласање во странство, а до завчера биле поднесени само 920 пријави, од кои пет се одбиени.

Првиот изборен круг за шестите претседателски избори е закажан за 21 април, а вториот ќе се одржи на 5 мај.

Во претседателската трка ќе учествуваат Гордана Силјановска – Давкова, Стево Пендаровски и Блерим Река.

Силјановска-Давкова, која е поддржана од ВМРО-ДПМНЕ собрала 15.926 потписи, а Стево Пендаровски, поддржан од СДСМ, собрал 31.729 потписи. Блерим Река, поддржан од Алијанса на Албанците и движењето Беса, собрал 11.128 граѓански потписи.

Пендаровски и Силјановска-Давкова имаат поддршка и од најмалку 30 пратеници.

И покрај тоа што кампањата за претседателските избори не е почната и до нејзиниот старт има половина месец, кандидатите за претседателската функција веќе се во неформална кампања, одржувајќи прес-конференции, средби со граѓани, објавувајќи статуси на социјалните мрежи…

Пендаровски, Силјановска Давкова и Река треба да ги достават кандидатурите до Државната изборна комисија најдоцна до 21 март, кога и официјално ќе станат кандидати за претседател на државата.

Кампањата за претседателските избори почнува на 1 април. Според ДИК, иако претседателските кандидати и пред нејзиниот старт веќе се активни на терен, сите нивни активности до поднесувањето на кандидатурите се сметаат за партиски средби.

Според членот 69-а од Изборниот законик за „изборна кампања се смета јавно собирање и други јавни настани организирани од страна на учесникот во изборната кампања, јавно истакнување на плакати, видео презентации на јавни места, изборно медиумско и интернет претставување, дистрибуирање на печатени материјали и јавно претставување на потврдените кандидати од надлежните изборни органи и нивните програми”.

Поврзани вести

Web banner Duma Kozuvcanka Fakti 300x250px 01

Најново