На десеттина дена пред изборите, политичките партии со многу ветувања
3.07. 2020
Ветувања за правна држава, нулта корупција, за повисоки плати, вложувања во здравството, инфраструктурата, економијата и земјоделството, во младите и поддршка за занаетчиството испорачаа политичките субјекти во земјава на десеттина дена пред 15 јули кога ќе се одржат предвремените парламентарни избори.
СДСМ која ја предводи коалицијата „Можеме” на вчерашните митинзи фокусот го стави на исполнувањето на стратешките цели – членството во НАТО и отпочнувањето на преговорите со Европската унија, а најави и вложувања во здравството.
Најголемата опозициска партија ВМРО-ДПМНЕ, пак, вети правна држава, нулта толеранција и испитување на потеклото на имотот на сите политичари.
Албанските партии вчера акцентот го ставија на вложувањата во младите, обезбедувањето на квалитетно образование и бесплатното здравство.
Дел од помалите партии на вчерашните средби со граѓаните ветија укинување на новиот Закон за јавното обвинителство, вложувања и поддршка за занаетчиството…..
Партиите и денеска продолжуваат со изборните активности.
Својата изборна програма СДСМ ќе ја претстави пред граѓаните на скопската населба Гази Баба и пред жителите на тетовско Теарце, додека ВМРО-ДПМНЕ ќе биде во посета на скопските општини Шуто Оризари, Карпош, Сопиште и Бутел.
ДУИ и нивниот кандидат за премиер ќе ја претстават програмата пред младите во Чаир, додека Алијанса за Албанците и Граѓанско демократската унија за денес најавија прес-конференции.