Публикувано истражување – „Заслепена правда: до заробена држава во Северна Македонија – судство, јавно обвинителство и полиција“
24.09.2020
Со поддршка од Институтот за европски политики при Отвореното општество, Европскиот институт при Отвореното општество и Фондацијата Отворено општество – Македонија, Балканската истражувачка репортерска мрежа (БИРН) Македонија, заедно со Коалицијата „Сите за правично судење“, Институтот за човекови права, Хелсиншкиот комитет за човекови права и Фондацијата Отворено општество – Македонија спроведе истражувањето презентирано во публикација „Заслепена правда: до заробена држава во Северна Македонија – судство, јавно обвинителство и полиција“
Истражувањето презентирано во оваа публикација идентификува неколку начини на кои се вршело политичко влијание врз правосудниот систем во услови на заробена држава и како постојните системски слабости во областа на владеењето на правото биле искористени за интересите на владејачката партија.
Во публикацијата преку случаи од реалниот живот ќе прочитате повеќе за клиентелистичките односи меѓу судството и политичките елити, злоупотребата на АКМИС системот, културата на апсолутна неказнивост на политичарите во екот на политичката корупција, злоупотребата на амнестијата, но и за отсуството на одговорност за јавните обвинители.
Презентирани се и наоди и примери за политичкиот притисок и влијание врз полицијата во иницијалните фази од кривичната постапка, отсуството на јасни долгорочни реформи во судството, јавното обвинителство, полицијата и во тајните служби, злоупотребата на мерката притвор како и злоупотребата на институциите за прогон на граѓанските организации, односно сценариото за десоросоизација.