Само Крушево „херојски се држи“ во услови на епидемија на Ковид-19
20.10.2020
Во моментов Крушево е единствен град во Македонија кој од почетокот на епидемијата бележи само 20 заболени лица, и нула активни случаи.
Меѓу градови со најмалку активни случаи се: Македонски Брод 98, активни 4, Демир Хисар 65, активни 4 Пехчево 53, активни 7 и Кратово 31, активни 7.
Министерот за здравство Венко Филипче предупреди дека ситуацијата е алармантна и дека ако не се почитуваат мерките, следен чекор е полициски час.Тој кажа дека засега мини жаришта на вирусот во земјава се Скопје и Струмица.
Денеска Собранието, ќе расправа за претходните рестриктивни мерки кои веќе се усвоени на владина седница. За да стапат на сила овие мерки треба да се направат измени во Законот за заштита на населението од заразни болести.
Овој пакет се состои од три мерки: задолжително носење маски на отворено, ограничување на групирањето по 22 часот надвор на максимум четири лица и ограничување на семејните собири односно едно семејство да смее да прими најмногу четири гости.
Вкупната бројка на Ковид дијагностицирани во земјава од почетокот на епидемијата изнесува 23 788, бројката на оздравени пациенти е 17 392, на починати е 846. Бројот на активни случаи во земјава изнесува 5550, од кои во Скопје се 2674.