Submit to FacebookSubmit to Google PlusSubmit to TwitterSubmit to LinkedIn

zgradanavlada fin

20.11.2020

На предлог на Советот за безбедност кој вчера беше прифатен од Претседателот на државата, се очекува Владата денеска да прогласи кризна состојба на територијата на целата земја во траење од 30 дена поради исклучително сериозната состојба со КОВИД-19. Тоа ќе овозможи подобро менаџирање на сите капацитети и човечки ресурси, на располагање покрај јавните, ќе бидат и приватните болници со кои ќе управува државата, а во справувањето со епидемијата ќе помага и Армијата.

Премиерот Зоран Заев по состанокот на Советот за безбедност вчера рече дека Управувачкиот комитет во најбрз рок ќе предложи до Владата прогласување кризна состојба и тоа ќе биде најдоцна до вечер денеска. На владина седница синоќа почна постапката откако согласно со Законот за управување со кризи беа донесени решенија и во Управувачкиот комитет и Групата за процена беа назначени в.д. директорите на Центарот за управување со кризи и на Дирекцијата за заштита и спасување, Стојанче Ангелов и Беким Максути.

– Со решенијата се овозможува да отпочне постапката за прогласување кризна состојба на целата територија на државата според мислење на Групата за процена, по што ќе следува предлог на Управувачкиот комитет за координација и управување во системот за управување со кризи до Владата, по што таа ќе ја донесе одлуката за прогласување кризна состојба, беше соопштено од Владата по завршувањето на седницата.

Шефот на државата Стево Пендаровски на прес-конференцијата по состанокот на Советот за безбедност истакна дека состојбата со КОВИД-19 е исклучително сериозна, далеку полоша, рече, од пролетниот бран по бројот на заразени и починати. Во кризна состојба на располагање на државата ќе бидат капацитетите на приватните болници и нивниот кадар, но не станува збор за нивна национализација, туку за управување со нив во битката со пандемијата, како што рече претседателот – таму и во тој обем во кој Владата ќе процени дека е тоа неопходно.

Откако ќе биде прогласена кризна состојба, појасни претседателот Пендаровски, Законот за одбрана и Законот за управување со кризи даваат многу пошироки можности надлежните институции, пред сè здравствените, да добијат поддршка од Армијата.

Кризната состојба нема да значи ограничено движење односно полициски час, но ќе продолжат да важат препораките да не се излегува без потреба по 21 часот и да нема групирања, да се почитуваат сите мерки, особено мерките за лична заштита.

Во болниците и натаму има наплив од пациенти – два ката од зградата на Интерните клиники се речиси исполнети, се подготвува уште еден кат – на одделенијата на Клиниката за уво, нос, грло и на Клиниката за очни болести, каде што од денеска ќе се примаат КОВИД-пациенти.
Министерот Венко Филипче по состанокот на Советот за безбедност рече дека нè чека критичен период во кој ќе има потреба од болнички капацитети. Спремни се да ангажирааат и дел од хируршките клиники и дека се прави севкупен план кој ќе ги вклучи сите ресурси. Во ГОБ „8 Септември” се веќе пополнети првично планираните 80-90 кревети и во следниот период, посочи тој, можно е поради огромен притисок таму да запре системот „МојТермин” и да се сместат повеќе пациенти.

– На располагање ќе бидат и капацитетите на сите приватни болници и клиники, како и кадарот кој таму работи. За кратко време ќе направиме проценка со сè што се располага и во таа смисла заеднички со нашите државни капацитети ќе направиме и план за работа, рече Филипче.
Во врска со плаќање на лекувањето во приватните болници, според сегашното законодавство државата може да покрие најмногу до 30 отсто од трошоците. Кој и како ќе ги покрива останатите трошоци Филипче соопшти дека дополнително ќе се прецизира. Рече дека се работи за досега непозната ситуација и ќе бидат направени анализи и ќе се консултираат со правните тимови.

Во текот на вчерашниот ден Министерството за здравство соопшти дека вкупно 1258 пациенти позитивни и сомнителни на коронавирусот се лекуваат на инфективните оддели во главниот град и во болниците низ земјава и дека има околку 60 слободни болнички кревети во КОВИД-центрите, напомнувајќи дека ситуацијата се менува од час во час.

Во 24-часовната статистика за вчера беа регистрирани 1198 новозаразени од 3081 тестирање. Речиси половината од нив (572) се во Скопје, а висок број нови случаи имаа и Битола (92), Прилеп (53), Штип (49), Велес и Охрид по 42, Куманово (41), Струга и Струмица по 34, Кичево (33), Тетово (28), Свети Николе (20).

Починаа уште 26 луѓе, од кои осуммина од Скопје. Меѓу починатите вчера беа двајца 35-годишници – од Битола и од Охрид и 37-годишен пациент од Струга. Од почетокот на епидемијата во земјава, пред речиси девет месеци, вкупниот број заразени достигна 51 213, оздравени се 30 204, починати 1423. Активни случаи има 19 586, од кои 9479 се во главниот град.

 

 

SEMM baner MK

Поврзани вести

banerduma

 

 

baner i od veles se moze

E baner

Konsalting Jovevi

 
   
   
   
   

Најново