Мицкоски: Разочаран сум и лут од справувањето на властите со пандемијата
23.11.2020
Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски во гостувањето на ТВ Сител изјави дека е разочаран и лут заради справувањето на здравствените власти со пандемијата на коронавирусот.
„Многу сум разочаран, а воедно и лут за сето ова коешто се случува денеска во нашава држава. Зошто? За тоа што најпрвин јас тоа го почувствував на моето семејство и знам точно како и со што се справуваа моите родители, мојата мајка, мојот татко. За среќа и двајцата ја поминаа, едниот потешко, а другиот полесно. Но фала му на Бога и двајцата ја преживеаја оваа би рекол тешка пандемична ситуација која што се случува во Македонија“, изјави Мицкоски.
Тој додаде дека како опозиција понудиле да се формира Ковид-комисија по примерот на други држави, но биле одбиени.
„Ние како опозиција понудивме многу работи, а односот од страна на владата беше игнорантски и онака буквално брутално бевме одбиени. Еве последно што понудивме беше да се формира КОВИД Комисија. Како по принципот на многу држави во регионот кои што формираа една таква КОВИД Комисија и оваа КОВИД Комисија е таа која што е најповикана да предложи мерки и стратегија како да се справиме со пандемијата. Но бевме одбиени“, нагласи Мицкоски.
Мите Јаначков