Со 62 гласа „за“, Собранието го донесе Законот за попис на населението, кој ќе се спроведе од први до 21 април
21.01.2021
Собранието денeска во рамки на продолжението на 29. седница со 62 гласа „за”, без „воздржани” и без „против” го донесе Законот за попис на населението, домаќинства и становите во Република Северна Македонија во 2021. За пописот гласаа и 29 пратеници припадници на етничките заедници.
За Законот гласаа пратениците од владејачкото мнозинство СДСМ, ДУИ и Беса, како и опозициската Алијанса на Албанците и Алтернатива. Опозицијата предводена од ВМРО-ДПМНЕ не учествуваше во гласањето.
Пред гласањето во повеќе процедурални забелешки опозицијата ги искажаа своите забелешки за законот и причините за недовербата во процесот. По барање на координаторот на ВМРО-ДПМНЕ, претседателот на Собранието Талат Џафери даде пауза од еден час.
Податоците добиени од пописот ќе се користат за креирање на развојни политики, макроекономски планирања, научни и други истражувања и статистички цели. Индивидуалните податоци од Пописот може да се користат за воспоставување, водење и ажурирање на статистичките регистри кои се во надлежност на Државниот завод за статистика, согласно закон.
Личните податоци добиени со Пописот подлежат на заштита, согласно одредбите од овој закон, Законот за државната статистика и прописите од областа на заштита на личните податоци.
Пописот ќе се спроведе во периодот од 1 до 21 април 2021 година, според состојбата на 31 март 2021 година, во 24 часот, што ќе се смета за критичен момент на пописот.
Со пописот ќе се приберат податоци за населението, домаќинствата и становите на територијата на Република Северна Македонија.
Пописот ќе се спроведе со употреба на пренослив компјутер, на посебна апликација, при што задолжително се применуваат технички и организациски мерки согласно прописите од областа на заштита на личните податоци.
Расправата за Предлог законот во Собранието, со којшто ќе се овозможи во државава да се спроведе попис по 19 години, заврши на 15 јануари.
Во земјава првиот попис е одржан во 1948 година. Од тогаш се спроведени осум пописи, а последниот во 2002 година. Во 2011 година почна да се реализира ваква статистичка операција, но, таа беше прекината.
#Попис #Македонија #Со62ГласаЗа #УсвоенЗаконЗаПопис #Собрание