Министерот за внатрешни работи во посета на кандидатите за полициски службеници
28.01.2021
Во текот на денешниот ден, министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски, ги посети кандидатите за полициски службеници во Центарот за обука во Идризово. Тој искажа големо задоволство што можел да проследи еден работен ден на кандидатите за полициски службеници.
-„Посебно сум горд што, овие наши идни колеги, веќе го следат последниот од трите образовни модула – секој во траење од по четири месеци, исполнети со стручно и темелно подготвена наставна програма и практична работа, и за некој месец ќе започнат ново поглавје во нивниот професионален живот, со нивното официјално промовирање во припадници на полицијата на Република Северна Македонија“, рече министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски при посетата на кандидатите за полициски службеници во Центарот за обука.
При посетата министерот Спасовски ја искористи можнота да ги поздрави полициските службеници кои исто така поминаа и низ селекција базирана на сеопфатен систем кој опфаќа проценка на физичките, општообразовните, психолошките и здравствени критериуми.
-„Иако професионалната обука за полициски службеници трае 12 месеци, оваа генерација беше принудена да се прилагоди на условите предизвикани од пандемијата со коронавирусот, што претпоставуваше професионалната обука да ја следат во период од година и два месеца, и тоа поделени во четири групи. А посебно задоволство причинува фактот што и оваа генерација може да се пофали со зајакнување на родовата рамноправност, односно 100-тина од вкупниот број на кандидати за полициски службеници се жени, што секако ќе придонесе за поуспешно интегрирање на жените во составот на полицијата, чија улога е извонредно важна во полициското работење“, додаде Спасовски.
Во текот на посетата министерот Спасовски реализираше средба и со помошник министерот на Центарот за обука, Гоце Бачанов, кој информираше за актуелните состојби во Центарот за обука, текот на полициската едукација и предизвиците со кои се соочи генерацијата 2019/2020, како и предвидените активности на Центарот во тукушто отпочнатата година, во насока на континуирана полициска едукација согласно критериумите за квалитет на национално и на меѓународно ниво.
Стефани Манева
#МВР #ОливерСпасовски #ЦентарЗаОбука #КандидатиЗаПолицискиСлужбеници #Посета #ЦентарЗаОбука #Идризово