Submit to FacebookSubmit to Google PlusSubmit to TwitterSubmit to LinkedIn

Македонскиот министер за надворешни работи Никола Димитров утре во Атина ќе се сретне со шефот на грчката дипломатија Никос Коѕиас.

Како што јави дописникот на МИА од Атина, засега нема официјално соопштение од грчкото МНР за детали за средбата, ниту кои ќе бидат темите за кои ќе се разговара.

И грчките медиуми засега не шпекулираат со темите за кои ќе разговараат двајцата министри, освен што се изразува сигурност дека на маса ќе бидат мерките за градење доверба и начините на кои може да се продлабочи билатералната соработка меѓу двете земји.

Пред посетата на Атина, Димитров во интервју за „Фајненшл Тајмс“ изјави дека „Македонија ја разгледува можноста за користење на привремената референца за зачленување во НАТО“.

– Ќе ја прашаме Грција каков вид на сосед сака. Дали сака стабилна, пријателска држава која нуди надеж, демократија и правда? Ако ние бидеме добар сосед на Грција, можеби грчките политички сили ќе сфатат дека ни се пружа историска можност - изјавил Димитров во интервјуто.

Шефот на македонската дипломатија вчера беше дел од високата владина делегација, предводена од премиерот Зоран Заев, која беше во посета на Брисел каде се сретна со првите луѓе на ЕУ и НАТО. По средбата со генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг, и премиерот Заев изрази надеж дека со привремената референца нашата земја ќе добие покана за членство во Алијансата.

Официјална Атина, пак, останува на својот цврст став дека Македонија не може да стане членка на НАТО без претходно да се реши прашањето за името. Коѕиас и изминатиот викенд повтори дека нашата земја е „дар од боговите, но со лош кум“.

– Грчката Влада не отстапува од своите ставови и нема да потклекне под притисоци за прием на ПЈРМ во НАТО под привремената референца, како што интензивно периодов се слуша од различни политички и медиумски извори и во двете држави - изјави шефот на грчката дипломатија.

– Сега, кога работите се стабилизираа, повторно ќе дојдат некои европски политичари и ќе кажат дека за да се стабилизира државата, треба да се внесе во НАТО и во ЕУ. Ние немаме ништо против, но тие треба да ги исполнат нивните обврски, што значи дека треба да престанат со иредентизам и да направат компромис во спорот за името - изјави Коѕиас.

Тој додаде дека со Димитров нема да разговараат за спорот за името, туку за методот како ќе продолжат преговорите за името.

Поврзани вести

Web banner Hit Portal Sinalco IceTea 2018 300x250px 01

 

Најново