Submit to FacebookSubmit to Google PlusSubmit to TwitterSubmit to LinkedIn

Владина делегација предводена од премиерот Зоран Заев денеска со средба со бугарскиот премиер Бојко Борисов ја почнува дводневната официјална посета на Република Бугарија. На средбите во бугарската престолнина со премиерот Борисов и со претседателот Румен Радев ќе се побара од Бугарија како иден претседавач со ЕУ поддршка на патот за членство на Македонија во Унијата и во НАТО, како и унапредување на соработката меѓу двете земји.

- Стратешки определби на Република Македонија се интеграциите во Европската унија и НАТО. Остварувањето на овие цели значат долгорочна стабилност и безбедност за граѓаните на Македонија, но и за целиот регион. Затоа, поддршката од соседите е од големо значење, а ние како одговорна Влада сме подготвени да бидеме активен дел од значајните добрососедски и интегративни процеси - е ставот со којшто оди премиерот Заев на официјалните средби во Бугарија.

Првата средба на премиерот Заев е со претседателот на Владата на Република Бугарија, Бојко Борисов, во 09.50 часот (по македонско време) во Владата на Република Бугарија.
Средбата на претседателот на Владата на Република Македонија, Зоран Заев со претседателот на Република Бугарија, Румен Радев е планирана за 14:00 часот во Кабинетот на претседателот на Република Бугарија.

Софија по Брисел е втората дестинација што ја посетува премиерот Заев по формирањето на новата македонска Влада.

Македонскиот премиер, најавувајќи ја посетата на Бугарија, деновиве во повеќе наврати истакна дека од Софија која од 1 јануари следната година го презема претседавањето со ЕУ, очекува добра соработка и поддршка за евроатлантските аспирации на Македонија. Посетите на Брисел и на соседните земји, вели Заев, значат засилена активност со помош на пријателите од ЕУ и од соседите да се придвижи Македонија кон полноправно членство во НАТО и ЕУ.

Целта на посетата на Бугарија, како што изјави вчера вицепремеирот Бујар Османи, кој е дел од владината делегација, е во насока на отстранување на пречките на патот на евроинтеграциите.

- Патуваме во Бугарија, земјата која ќе претседава со ЕУ за да бидеме високо на нивната агенда при претседавањето, но и да ги решиме билатералните отворени прашања со нив - изјави Османи.

И бугарскиот премиер Борисов, по изборот на новата македонска Влада, изрази уверување дека Софија и Скопје ќе работат за зацврстување на добрососедските односи и за приближување на Македонија кон ЕУ и НАТО.

Покрај тет-а-тет средбата на двајцата премиери, предвидени се и пленарни разговори на делегациите во чиј состав од македонска страна се и вицепремиерот Османи, министрите за надворешни работи Никола Димитров, за транспорт и врски Горан Сугарески и за култура Робeрт Алаѓозовски. Во бугарската делегација, пак, ќе бидат и вицепремиерот и министер за надворешни работи Екатерина Захариева, како и министрите за култура и за транспорт и информациски технологии и комуникации, Боил Банов и Иваило Московски.

За време на посетата, премиерот Зоран Заев ќе има средба и со претседателот на Собранието на Бугарија Димитар Главчев. Покрај политичкиот дел, во рамки на официјалната посета, Заев утре во Софија ќе има и повеќе економски средби меѓу кои и со бугарската министерка за енергетика на Теменушка Петкова, на која ќе присуствува и министерот Сугарески.

Предвидени се и одделни средби меѓу министрите од Република Македонија и нивните колеги од Бугарија.

Поврзани вести

Web banner Duma Kozuvcanka Fakti 300x250px 01

banerknigovodstvo

Најново