Влијанието на социјалните мрежи на изборите
Пред неколку годин на ова исто место пишував за изборите и социјалните мрежи, пишува Исток Павловиќ, професор на Факултетот за медиуми и комуникација, во Политика.
Тогаш важеше еден прост принцип –доволно беше да се биде активен на мрежите па од тоа да произлезе некаква корист. Убедливо најактивна беше сегашната владејачка партија, додека претходните демократски влади немаа речиси никаква активност. Сето тоа придонесе за изборни резултати што ни се познати на сите нас.
Што се промени од тогаш? Многу. Во политичкиот маркетинг на социјалните мрежи сега веќе не е важно да се биде само присутен. Денес е многу поважно каква порака ќе се прати и како, а тоа може најдобро да се види преку примерот за настаните на изборите во Америка.
Во моментов таму се одржуваат избори во рамките на партиите, од кои на крајот ќе излезе по еден победник од Републиканската и од Демократската партија, кои потоа ќе одат еден против друг. На социјалните мрежи, двајца кандидати се многу попопуларни од било кој друг: Доналд Трамп кај републиканците и Берни Сандерс кај демократите. Овие двајца имаат дијаметрално спротивни програми: Трамп е екстремна десница, а Сандерс екстремна левица. Единственото нешто што им е заедничко е зборот „екстремно” – и во тоа е тајната на успехот на социјалните мрежи во 2016 година.
Кога Трамп ја објави својата кандидатура, имаше едвај неколку проценти поддршка, а исто така започна и Сандерс. Благодарение на социјалните мрежи, нивната популарност се зголеми до таква мера што речиси е сигурно дека Трамп ќе победи, а Сандерс има реални шанси против Хилари Клинтон. Зошто се случи ова?
Одговорот се наметнува сам по себе ако заборавиме за момент на изборите и погледнеме каков е тој тип на вести и содржини што луѓето ги споделуваат низ социјалните мрежи. Во повеќето случаи тоа се некој вид на скандали, згрозувања, видео-клипови во кои некој излегол глупав, се некои екстремни работи. Ретко кога некој ќе постави изјава што е умерена и коректна.
Истиот овој принцип може да се примени во политиката. Едноставно кажано, социјалните мрежи се полни со екстремни ставови, без оглед на тоа дали тие се левичарски или десничарски. Хилари Клинтон е одмерена, со искуство во надворешната политика, има разумни изјави и рационални планови. Ваквите ставови се од аспект на социјалните мрежи ужасно досадно. Секој ќе каже: „Да, тоа е океј”, но никој нема да помисли нешто такво да го сподели со пријателите. Берни Сандерс сака да воведе социјализам во Америка, да ги распарча големите банки на Вол Стрит, и да воведе бесплатно образование. Се разбира дека луѓето ќе сакаат да споделат такви информации на Фејсбук – скандалозни се, поместуваат граници.
Идентично нешто се случи и со Трамп. Луѓето се смееја на неговите изјави масовно, а интернетот е полн со негови пародии. Резултатот? По една година, речиси целиот медиумски простор на републиканците на мрежите беше посветен на Доналд Трамп. Другите кандидати беа поодмерени луѓе со порационални изјави и поради тоа ги немаше никаде на мрежите. „Одмереност“ и социјални мрежи никако не одат заедно.
Ако ова го примениме во Србија, може да се издвојат две лица кои по ист принцип добија ветар во едрата на социјалните мрежи: Саша Радуловиќ и Воислав Шешељ. Радуловиќ, кој како Сандерс предлага „ресетирање” на целиот систем во Србија, и Шешељ, кој како Доналд Трамп ја сфати суштината на социјалните мрежи. Професор Д-р Новица Милиќ овој принцип го нарече „провокација како комуникација”.
Значи, во двата случаја се работи за екстремни ставови. Тоа е вест. Тоа ќе се поставува и „лајкува“. Спротивно на тоа, погледнете ги предизборните пораки на Демократската партија: „владејачката партија не ги исполни очекувањата”, „погледнете ја оваа табела што покажува дека владата не работи добро” и така натаму. Тоа се пораки што се очекуваат од опозицијата и со самото тоа се премногу здодевни за било кој да ги постави на мрежа и да ги шири понатаму.
Живееме во време кога на социјалните мрежи проаѓаат екстремни изјави, необични ставови, креативни и „откачени“ предлози за решавање на социјалните проблеми. Исто така, важно е овие ставови да бидат соопштени во некоја чудна форма и да се користи некој неочекуван, подруг јазик. Партиите што ова ќе го разберат ќе имаат најголема корист од дигиталните медиуми во претстојните избори.
Извор: Плусинфо